РУСИЈА ЗАБРАНИ АВСТРИСКИ И ФРАНЦУСКИ АВИОНИ ДА СЛЕТААТ ВО МОСКВА ПО ОДЛУКАТА ДА СЕ ИЗБЕГНУВА ВОЗДУШНИОТ ПРОСТОР НА БЕЛОРУСИЈА

    РУСИЈА ЗАБРАНИ АВСТРИСКИ И ФРАНЦУСКИ АВИОНИ ДА СЛЕТААТ ВО МОСКВА ПО ОДЛУКАТА ДА СЕ ИЗБЕГНУВА ВОЗДУШНИОТ ПРОСТОР НА БЕЛОРУСИЈА„Ер Франс“ втор ден по ред го откажа својот лет Париз-Москва

    Русија возврати на бојкотот на воздушниот простор на Белорусија, така што не дозволи на европски авиони да слетаат во Москва.

    Руските воздухопловни власти ја принудиле „Аустријан ерлајнс“ да го откаже својот лет од Виена за Москва, додека „Ер Франс“ втор ден по ред го откажа летот Париз-Москва, откако вчера не добил дозвола за слетување во Русија. Двете авиокомпании воведоа нови маршрути за летање, при што се избегнува белорускиот воздушен простор. Ова уследи откако Европската Унија воведе санкции за Белорусија по присилното пренасочување на авионот на „Рајанер“ во Минск и апсењето на опозицискиот новинар Роман Протасевич и неговата девојка.

    „Ер Франс“ и „Аустријан ерлајнс“ кажаа дека ги следат препораките на Агенцијата за безбедност во авиосообраќајот на ЕУ. Нејасно е дали потегот на Москва е привремен или ќе потрае, што веројатно би довело до контрамерки за руската национална авиокомпанија „Аерофлот“.

    Други авиокомпании, како „Бритиш ервејс“ и „КЛМ“, беа во можност да користат нови маршрути на патот за Москва.

    Меѓународната организација за цивилна авијација покрена истрага за одлуката на Александер Лукашенко да го пренасочи и приземји авионот со кој патуваше Протасевич. Инцидентот се случи во неделата, а одлуката била образложена со наводна дојава дека во авионот има бомба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира