Велешани кои во доцните попладневни часови се рекреираат во Градскиот парк реагираат дека не се чувствуваат безбедно зашто улицата која минува низ паркот ја користат и моторни возила.
„После 18 часот има толку многу автомобили и мотори што е невозможно да се спортува. Иако во тој период е забрането да се вози, возачите не го почитуваат сообраќајниот режим. Повикав и полиција, која дојде, но беше немоќна да стори нешто“, вели една велешанка.
Од локалната власт велат дека за Градскиот парк важи истиот режим на сообраќај што беше донесен во септември 2018.
„На сила е забраната за сообраќај, која за овој период од годината, од мај до август, е од 5 до 8 часот и од 18 до 21 часот. За жал. истата не се почитува, а за нејзина примена е надлежна сообраќајната полиција при СВР Велес“, одговорија од локалната власт.
Забраната не важи за возилата на брза помош, пожарна и полиција.
П. ПЕЧКОВ