НЕЗАВИСНО КАКВА ЌЕ БИДЕ ОДЛУКАТА НА УНЕСКО, РАБОТИМЕ ОХРИД ДА ОСТАНЕ СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ПО НАЈКАТАСТРОФАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА МОНИТОРИНГ МИСИЈАТА

    НЕЗАВИСНО КАКВА ЌЕ БИДЕ ОДЛУКАТА НА УНЕСКО, РАБОТИМЕ ОХРИД ДА ОСТАНЕ СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ПО НАЈКАТАСТРОФАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА МОНИТОРИНГ МИСИЈАТАКонечниот извештај за Охридскиот Регион УНЕСКО треба да го објави на 4 јуни. (Фото: СДК.МК)

    „Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и исходот од следната сесија во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот Регион, продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации. Нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети согласно законските процедури, и нема да има никаква селективност во постапките“, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Охрид Константин Георгиески во пресрет на конечниот извештај за Охридскиот Регион кој УНЕСКО треба да го објави на 4 јуни.

    Вчера, во објавениот катастрофален извештај на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, која го посети подрачјето во јануари минатата година, заклучокот е дека Охридскиот Регион ги исполнува условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност.

    „Извештајот којшто имавме ние прилика да го видиме во јануари е драфтот и не очекувам дека ќе има некакви значајни разлики во финалниот извештај. Дали регионот ќе биде ставен на листата во опасност не знаеме. Работиме на исполнување на препораките. Извештајот се однесува до периодот до кога беше присутна Реактивната мисија на УНЕСКО, а тоа е јануари 2020 година. Од тогаш имаме значителен напредок постигнато и тоа ќе го дискутираме на сесија, а конечната одлука ќе зависи од Комитетот. Меѓутоа, за разлика од 2019 година кога УНЕСКО го објави извештајот, објави и нацрт одлука за ставање на регионот во опасност. Сега таква одлука немаме, што е еден мал позитивен сигнал“, рече Георгиески.

    Пред да дојде Реактивната мониторинг мисија во јануари минатата година, УНЕСКО го објави најнеповолниот извештај за Охридскиот Регион, во кој беше побарано отстранување на дивопоставените објекти вдолж брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, заштита на старата градска архитектура и отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град, меѓу другото.

    Охридскиот регион е на листата на Светско наследство на УНЕСКО од 1979 година.

    Георгиески истакна дека посветеноста на Општина Охрид за исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, во делот на уредување и управување со крајбрежјето е веќе видлива на терен. Има и волја и капацитет за средување на наследените катастрофални состојби и ставање крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас.

    Од уривањето на дивите објекти на плажата кај Лагадин. (Фото: СДК.МК)

    Со неколкунеделната акција, речиси целосно се расчистени плажите на потегот од село Пештани до хотел „Метропол“, каде се отстранети нелегални градби, платформи, постаменти од бехатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали. Откриени и отстранети се голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро.

    Во текот на наредниот период, Георгиески најави активностите за отстранување на нелегалните објекти и платформите во делот на месноста Елешец и платформите и објектите на плажите во градската зона од каналот Студенчишта кон Горица 1 и плажите во делот на населбата Канео, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план.

    „Капацитетите наши се сега ангажирани на потегот од хотел ‘Метропол’ до Пештани со расчистување. Во Градиште извршивме инспекциски надзор и кога ќе привршиме на овој потег ќе пристапиме кон отстранување на сите други бесправни објекти и Градиште и Љубаништа и Андон Дуков, има повеќе локации каде континуирано ќе постапуваме“, рече Георгиески.

    Тој им порача на сопствениците на угостителските објекти вдолж езерото, за кои е издадено решение за отстранување, да ги затворат објектите. Им било издадено и известување сами да ги отстранат платформите од езеро, но бидејќи рокот им истекува утре, Општината ќе ја пресели механизацијата за да го ослободи крајбрежјето и на тие плажи.

    „Договорите за концесија им се истечени и нам сега ни е важно да не обавуваат дејност затоа што немаат активен договор за концесија и мора да се отстрани сето она што е во вода пред почетокот на сезоната. Доколку во иднина се предвидуваат некакви објекти, таму ќе биде според Планот кој ќе го прави Агенцијата за просторно планирање. Сега ќе пристапиме по решенијата за отстранување. Стопанисување и стекнување со противправна имотна корист на атрактивна земја сопственост на сите нас е кривично дело“, додаде Георгиески.

    „Сето тоа се должи на фактот што години наназад остварувале противправна корист и огромни приходи, граделе и узурпирале надвор од договорите за концесија на земјиштето. Дел од нив иако имале договори за плажи работеле како ресторани и ноќни клубови и нелегално ги издавале под закуп. Истото тоа продолжиле да го прават и кога договорите за концесија веќе им биле истечени и не плаќале никакви надоместоци за наем и користење на земјиштето“.

    Општината направила и финансиска анализа која покажала фрапантни цифри на остварен приход во период кога поранешните концесионери немале активни договори за концесија.

    „Фирма концесионер на плажа за период од четири години кога немала активен договор за концесија остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво“,обелодени градоначалникот на Охрид кој ги покани еколошките здруженија „Охрид СОС“, „Фронт 21/42“, останатите еколошки здруженија и еко активисти кои, како што рече, тековно го следат и редовно го коментираат целокупниот процес на исполнување на препораките, да се ангажираат на терен и да помогнат во процесот на уредување и оплеменување на плажите.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира