Месноста Мавровица, која се простира покрај истоимената акумулација кај Свети Николе, привлекува излетници од Кочани, Штип, Куманово, Пробиштип, Велес, Скопје, Свети Николе, а понекогаш и од пооддалечените градови во Македонија.
Сместена на седум-осум километри североисточно од Свети Николе, покрај регионалниот пат за Пробиштип, малата брана „Мавровица“ веќе две години има концесионер. Тоа е фирмата „Електроника“ од Свети Николе, која ги регулира риболовот и порибувањето и се грижи за редот и чистота на просторот. Општина Свети Николе пред една деценија го уреди брегот со летниковци и го пошуми просторот околу браната.
„Излетниците имаат можност да ги користат густата борова шума и летниковците за седенка. Поставени се на неколку места, таму каде што најмногу се рибари“, вели главниот менаџер на концесионерот, Кирил Николов.
За да има ред во риболовот и на просторот околу браната, тој изработил мал прирачник за користење на рибниот фонд во акумулацијата Мавровица, кој содржи упатства и законски регулативи за риболов, како и апели да се чува природата.
„Заради зачувување на рибниот фонд во време на мрестење, рибарите имаат и одредени забрани. Некои подрачја се под целосна забрана, а некои само за одреден вид на риба. Во овој период има целосна забрана за ловење амур и таканаречениот гол израелски крап. Од 3 мај до 4 јуни е забранет риболовот на крап и клен, а од 7 мај е дозволен само риболовот на црвеноперка и лињак. Во останатиот период од годината, можат да се фаќаат сите видови риба“, појасни Николов.
Прирачникот што го добиваат риболовците содржи извадоци од Законот за рибарство и аквакултура за количеството риби што смее да се лови по видови, кои риболовни средства се (не)дозволени и какви се казните за тие што нема да го почитуваат пропишаното.
Т. ЈОВАНОВСКИ