СО НОВ ЗАКОН ЗА СЕКСУАЛНА РАБОТА ЌЕ СЕ НАМАЛИ ВЛИЈАНИЕТО НА ПОЛИЦИЈАТА И СПЕКТАКУЛАРНИТЕ АПСЕЊА, ВЕЛАТ СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ

    СО НОВ ЗАКОН ЗА СЕКСУАЛНА РАБОТА ЌЕ СЕ НАМАЛИ ВЛИЈАНИЕТО НА ПОЛИЦИЈАТА И СПЕКТАКУЛАРНИТЕ АПСЕЊА, ВЕЛАТ СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЦИПлатформата за декриминализација на сексуалната работа денес со перформанс го одбележа Меѓународниот ден на сексуалните работници. (Фото: К. Попов)

    Претставниците на институциите често се тие кои ги прекршуваат правата на сексуалните работници. Тие, во случај на повреда на права, особено во мали места, имаат ограничен пристап до правда, рече денеска Јагода Митева, активистка од Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР.

    Со креативниот перформанс „Црвениот фустан добро ми прилега“, денес во Градскиот парк во Скопје беше одбележан Меѓународниот ден на сексуалните работници, во организација на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје со партнерските организации од Платформата за декриминализација на сексуалната работа, Здружението СТАР-СТАР и Коалицијата Маргини.

    Според Драгана Дрндаревска, правен застапник во Маргини, сексуалната работа во земјава мора да се декриминализира и со таков модел ќе се овозможи почитување на човековите права. Според податоците на ХОПС, во земјава има околу 200 сексуални работници но, како што вели Дрнадревска, бројката варира и токму затоа е потребна декриминализација.

    „Декриминалзацијата не значи дека сексуалната работа нема да биде регулирана, туку таа ќе се регулира од здравствените власти, институциите од областа на работничките права и социјалната заштита, а од друга страна, ќе се минимализира влијанието на полицијата во регулацијата на сексуалната работа. Со сегашниот модел, сексуалните работници се криминализирани преку практиката на полицијата, тие се третирани како криминалци и сите активности на полицијата се одвиваат на грбот на сексуалните работници, што ни зборува за еден двоен стандард. Впрочем, станува збор за цела секс индустрија во која не се вклучени само сексуалните работници, туку имаме клиенти, менаџери, управители со објекти и секако, за жал, имаме и посредници. Сексуалнте работници се криминализирани, спектакуларно апсени, чии права многу често се повредуваат од страна на полицијата. Додека сите останати многу поретко се казнуваат и поминуваат само со парични казни кои се од доменот на пазарното работење“, кажа Дрндаревска.

    Меѓународниот ден на сексуалните работници денес се одбележува со креативниот перформанс „Црвениот фустан добро ми прилега“. (Фото: К. Попов)

    Митева додаде дека СТАР-СТАР бара признавање на сексуалната работа како професија по сопствен избор, да станат дел од пазарот на трудот, да може да обезбедуваат егзистенција, сами да ги бираат начинот и формата на работат и да заработуваат без страв од прогон и кривично гонење.

    Дрндаревска рече и дека од сексуалната работа корист има целото општетство, ќе придонесе за намалување на родово засновано насилство, превенција од сиромаштија и превенција од трговија со луѓе и други криминални активности.

    „Моделот на декриминализација на Нов Зеланд го сметаме за најуспешен, според кој треба да се ревидираат политиките кои ја уредуваат сексуалната работа во Северна Македонија. Да се донесе нов посебен закон, но и измени во казненото законодавство“, кажа таа.

    Хајди Штерјова-Симоновиќ, извршна директорка на ХОПС, кажа дека со креативниот перформанс на изложување на црвените фустани сакаат да покажат дека сексуалните работници кои по своја волја одлучиле да се занимават со ова професија, „ со гордост го носат црвениот фустан и дека сакаат да им се овозможи средина во која ќе бидат почитувани, каде нема да се омаловажувани и каде ќе може да ја работат својата работа“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира