Со завршувањето на мај истече и рокот во кој требаше да се изврши промена на старите салонитни цевки преку кои со вода се снабдуваат жителите на 13 улици во Велес. При посетата на Велес во декември 2019, тогашниот министер за транспорт Горан Сугарески најави дека градежните работи треба да завршат за 18 месеци. Од најавените 13, промената се изврши само на четири улици, во останатите девет не е ни почнато.
„Многу се израдувавме кога беше кажано дека ќе се променат азбестно-цементните водоводни цевки. Помисливме дека конечно ќе добиеме квалитетна вода за пиење. Но, по година и половина, ништо не се случи“, објаснува жител на улицата Славјанска.
Во изминатите 18 месеци беше заменета старата водоводна мрежа на улиците Богдан Каракостев, 8 март, Андон Шурков и Орце Мартинов.
„Сите тие улици се работат со проект на Министерството за транспорт и врски, кое потпишало договор со изведувачот. Има уште девет улици на кои треба да се промени старата водоводна мрежа, а рокот за изведба е истечен. Никој ништо не презема. Се доцни и со изведбата на системот за водоснабдување за Бузалково“, рече градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Од Министерството за транспорт и врски објаснуваат дека и покрај тоа што рокот е пробиен, сепак ќе се заврши промената на старата водоводна мрежа.
„До 20 септември проектот ќе биде реализиран. Проблемите се поради пристапноста до улиците и приклучоците за фекалната канализација. Со ЈКП ‘Дервен‘ е потпишан меморандум за решавање на проблемот“, кажаа од Министерството за транспорт и врски.
Вкупната должина на водоводната мрежа што треба да се реконструира во Велес е четири километри, а на канализационите линии околу 300 метри, сè заедно во вредност од 625.000 евра.
П. ПЕЧКОВ