Има резерви на крв, но во хируршките одделенија во скопските болници деновиве атмосферата знае да биде тензична, велат директорите во здравствените установи за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Ковид-центрите кои беа отворени на повеќето скопски клиники од неодамна се затворени и сите клиники се вратија во своите редовни програми.
Во дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК се јавија граѓани, дека деновиве им било побарано да даруваат крв за итна интервенција на нивни блиски роднини.
Прим. д-р Горан Андонов, раководител на Одделението за организација, планирање и реализација на крводарителство на Институтот за трансфузиона медицина (ИТМ), вели дека резерви на крв има во цела држава.
Но, од двата најголеми хируршки центри во главниот град – од Универзитетските клиники и од Градската општа болница „8 Септември“ велат дека во последно време има тензични ситуации, но проблемите се решаваат тековно и ниту еден пациент што е за операција не е вратен.
„Има резерви на крв, но знае да биде напнато, и во такви ситуации знаеме да побараме да донираат семејствата. Ниту еден пациент не е вратен, ниту пак е одложена интервенција поради недостиг на крв“, ни изјави д-р Александар Трајановски, директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
И началникот на хируршките одделенија во Градската општа болница „8 Септември“, д-р Јасмин Циривири потврдува дека знае да биде тензично во хируршките сали, и дека исто така многу ретко се случува да побараат да се донира од семејствата, но и дека ниту еден пациент не е вратен, ниту пак е одложена операција.
„Нема драма во резервите со крв, работата е што се случи дека се намалија крводарителските акции во училиштата и факултетите, кои ни беа главен извор. Сега моравме да се вратиме чекор назад и да бараме од семејствата. Но, никако нема драма, се координираме со Институтот за трансфузиологија, со државната болница, и за брзо време, минути, половина час обезбедуваме крв“, ни изјави д-р Кире Георгиевски, началник на одделението за трансфузиологија во „8 Септември“.
Б. НЕСТОРОСКА