Грчката претседателка Катерина Сакеларопулос изјави дека се залага за задолжително вакцинирање против ковид-19 зашто уставот на никого не му дава право да загрозува други. Сакеларопулос, која е високорангирана судијка, дискутираше за оваа тема на средбата со премиерот Мицотакис.
„Надвор од заштитата на јавното здравје, уставот на ниеден начин не го признава правото да се загрозуваат животот и здравјето на други. Оттука, слободниот избор е ограничен со правата на другите“, изјави Сакеларопулос.
Средбата се одржа набргу откако Мицотакис навести во парламентот дека владата предлага да се воведе задолжително вакцинирање на сите здравствени работници и вработени во старечките домови. Според Мицотакис, јавното здравје мора да се стави на прво место.
„Верувам дека е суштински да се дискутира за задолжителното вакцинирање, што е веќе почнато во некои земји, за да не се поткопаат социјалната солидарност и чувството за општествена одговорност“, кажа Сакеларопулос.