Македонија и Албанија веднаш треба да ги почнат пристапните преговори за членство во Европската Унија, изјави министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас на отворањето на виртуелната средба на министрите за надворешни работи од инцијативата Берлински процес.
Тој порача дека Европската Унија мора да ги испочитува своите обврски.
„Северна Македонија и Албанија прикажаа одржлив напредок во реформите на правосудството и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Со Преспанскиот договор, Скопје и Атина покажаа историско политичко лидерство. Токму затоа, треба веднаш да почнат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, изјави Мас.
Тој истакна дека иднината на земјите од Западен Балкен е во Европската Унија и Германија останува цврсто посветена на таа цел.
„Сите знаеме дека домашната политика може да го ограничи просторот за маневри во надворешната политика. И свесни сме дека прашањата за историјата и идентитетот се деликатни, но такви билатерални прашања не би требало да го попречуваат процесот на пристапување“, кажа Мас.