Парите кои турската компанија „ТАВ Македонија“ требаше да ги вложи во изградба на кагро аеродром во Штип, се пренаменуваат за инфраструктурни проекти на општините. Денеска премиерот Зоран Заев и извршниот директор и претседател на „ТАВ“ Сани Шенер ги доделија договорите на општините со кои ќе се финансираат изградба на канализациони и водоводни мрежи, патишта, школи и градинки.
Со 35 милиони евра ќе бидат поддржани над 90 инфраструктурни. Во првата фаза ќе бидат реализирани 23 проекти во вкупна вредност од 9,9 милиони. Втората фаза е планирана кон почетокот на јули, а третата кон крајот на јули.
„Главната цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот на локално ниво. Продолжуваме да поддржуваме трајни добра, бидејќи изградбата на локалната патна инфраструктура, водоснабдителна мрежа, канализациони мрежи, реконструкција,изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи, се за подобар животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој“, рече Заев на денешното доделување на договорите.
Извршниот директор и претседател на ТАВ Аеродроми, Сани Шенер кажа дека за три години ќе бидат инвестирани 35 милиони евра за 99 општински проекти и 14,7 милиони евра за двата постојни аеродроми.
Како причина зошто Турците не започнаа со изградба на карго аеродром близу Штип, наведени беа силината и правецот на ветрот на тоа подрачје, поради што на тоа место наводно не е можна негова изградба.
Во 2007 година, холандската компанија „НАКо“ беше ангажирана од македонската влада како консултант да изработи студија со концесиски модел за развој на Скопскиот и на Охридскиот аеродром и за можностите за изградба на карго аеродром во Штип. Холанѓаните оценија дека изградбата на карго аеродром во Штип е некомерцијална, но оставија на владата да ја донесе конечната одлука. Според студијата, изготвена пред 10 години од „НАКо“, изградбата на Штипскиот карго аеродром е технички изводлива, но станува збор за нерационално решение.
Тогашната влада на Никола Груевски, сепак, реши карго аеродромот да се гради и во договорот за концесија на двата постојни македонски аеродроми, потпишан со ТАВ во 2008 година, предвидено е турската компанија, во пакет со реконструкцијата на Скопскиот и Охридскиот аеродром, да го изгради и Штипскиот аеродром, а потоа да ѝ го даде на управување на владата.
Интерес за концесија на Скопскиот и Охридскиот аеродром тогаш изразија Виенскиот аеродром и компанијата што стопанисува со аеродромот во Франкфурт и десетина други аеродроми Фрапорт, но баш заради условувањата со Штипскиот аеродром се откажаа од натпреварот со Владата на Груевски.
А. АНТЕВСКА