Туристите веќе не смеат да газат по мозаиците во Хераклеја и да одат по ѕидовите на археолошкиот локалитет во Битола. Тоа беше практика која се применуваше со години наназад во локалитетот, иако е споменик на културата од прва категорија.
„Ги сменивме патеките по 40 години. Повеќе не дозволуваме посетителите да се движат на ѕидовите на локалитетот . Оградени се мозаиците, не смеат преку нив да газат. Направени се патеки низ кои можат да се движат. Ќе поставиме и метални платформи, дел по дел патеките комплетно ќе ги регулираме. За оваа намена користиме дел од средствата заработени и од посетата на туристите“, рече за САКАМДАКАЖАМ.МК Зоран Алтипармаков, директор на битолскиот Завод и музеј.
Годинава античкиот локалитет Хераклеја и музејската поставка во Заводот ги посетиле 35.000 туристи. Тоа се претежно странски туристи, вели Алтипармаков, а домашни за жал има малку.