Битолчни кои традиционално се ориентирани кон Грција и ја отвораа тамошната годишноодморска сезона, годинава почнаа да се откажуваат од одморите на Егејското море и планираат летување во Албанија. Причина за тоа е граничниот премин Меџитлија – Ники кој речиси цела година е затворен за премин. Грција е оддалечена од Битола 16 километри, но според сегашните услови граѓаните од цела југозападна Македонија за да влезат во Грција преку преминот Богородица кај Гевгелија мора да патуваат дополнителни 170 километри.
„Но, друго е да патувате најголем дел од патот по патиштата во нашата земја, каде да не заборавиме од Битола треба да се мине и Прилеп и Плетвар, проблематичен дел од сообраќајницата, без автопатско решение, а друго е да возите во Грција цело време по автопати“, вели вели Михајло Смилевски, искусен возач од Битола.
Додека не се отвори граничниот премин Меџитлија, уште подалечни за Битолчни стануваат туристичките дестинации во западниот дел од Грција на Јонското море. На пример, до островот Крф каде во изминатите години имаше често туристи од југозападниот регион сега треба да се патува уште плус 200 километри.
Друг проблем поради кој Битолчани се ориентираат кон Албанија се олеснетите услови за влез на туристите. Таму се влегува без ПЦР тест и документ за целосна вакцинација.
„Годинава интересот е голем за летување во Албанија и Црна Гора каде цените за сместување, храна и други услуги се поевтини од Грција. Едни од најразработените туристички дестинации каде нашите муштерии патуваа со децении и годинава ќе останат без своите гости“, вели Весна Николовска, туристички работник од Битола.
Уште нема најави кога ќе биде отворена границата во близина на Битола, Меџитлија –Ники.
Ж. ЗДРАВКОВСКА