За неполни две години од амнестијата на осудени лица за полесни дела, со која се подиспразнија натрупаните затвори, тие повторно се преполнија. Секојдневно фрчат затворски казни за обични луѓе, додека обвинетите функционери, политичари, бизнисмени и други моќници, за правдата се недостижни.
По Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски од МВР, таму не дојде функционер или службеник од висок ранг. Таа огромна бројка што ги полни затворите, се обични смртници.
Според податоците што ги добивме од затворски службеници, во моментов приближно 2.000 осудени лица чекаат на издржување на казна. А вкупно толку легла има во сите затвори во Македонија, и сите се полни. Се бара кревет повеќе, бидејќи правдата кај нас е многу брза во околности кога не станува за судење на обвинети од висок ранг.
За илустрација, на судијката Александра Ристеска одеднаш, кога требаше да ја соопшти пресудата за тортура при апсењето на Љубе Бошкоски, ѝ стана нејасно какви кривични дела направиле поединечно обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков и шестемина полициски „алфи“ на чело со Ивица Анчевски – Пуки. Таа вчера пред обвинителот и целиот аудиториум дојден да ја чуе пресудата, кажа дека не ѝ е јасно и го врати судењето на почеток.
По над три години постапка, вторпат го враќа, откако еднаш го почна отпочеток зашто поротникот си нашол друга работа, а резервен поротник, како што правеше судијката Добрила Кацарска во високопрофилни случаи или обвинети, Ристеска немаше обезбедено.
Најголемиот пораз за судството е што по повеќе години судење и тегнење до максимум, клучните предмети за кои сме под мониторинг на ЕУ и САД, се враќаат на почеток. Поради навршување на 60 години на поротник, се враќа на почеток најголемиот и првиот предмет на СЈО „Титаник“ со 21 обвинет, „Талир“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ со перење нелегално стекнати пари, и „Тендери“ каде што е обвинета поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Колку и да се вадат судиите дека законот е таков и дека поротник не може да учествува во кривичен совет по навршување на 60 години, пензионирањето на поротниците кажува колку споро траат судските процеси кога на обвинителна клупа се богати и моќни луѓе. Да не го одлагаше судијата Осман Шабани цела година почетокот на судењето на „Талир“ тоа досега ќе беше завршено, со истиот тој поротник.
И судијата Огнен Ставрев го убрза „ТНТ“ кај што се обвинети Груевски, Миле Јанакиески и Тони Трајковски кога слушна од обвинетите дека поротник навршил 60 години, но предоцна. Судењето поради смена на поротникот се врати на почеток, и уште си трае.
Случајот „Траекторија“ за кинеските автопати, кој почна во декември .2017 година и е со само тројца обвинети, бидејќи Никола Груевски побегна, нема абер да заврши. Во меѓувреме, на Груевски и му застаре делото. Овој случај го води судијата Горан Бошевски.
„Тотал” против обвинетиот Драган Павловиќ-Латас се врати на почеток 7 пати и уште е таму.
Можеби досега ќе имаше правосилна пресуда и за Ејуп Алими и Исмет Гури, високи функционери од ДУИ, ако вишиот обвинител Диљавер Бектеши не го држеше предметот и не му го враќаше на Апелациониот суд Скопје.
Истрагата „Империја“ која почна уште во 2018 година, каде што првообвинет за перење на над 15 милиони евра е Орце Камчев, а втор е Мијалков, заглави на вештачење кај професори на Економскиот факултет. Кога ќе почне ова судење, ако воопшто некогаш почне, овие поротници сега што се, сигурно ќе бидат пензионирани.
Од затворите апелираат кога веќе има толкава продукција на затворски пресуди против граѓани, судиите да почнат да изрекуваат алтернативни затворски казни, зашто веќе постојат пробациски канцеларии во целата држава кои ќе водат сметка за таквите осудени лица.
„Не е начин да праќате во затвор човек со пресуда од 6 или 12–месечна затворска казна. Треба алтернативна казна за овие лица, но тоа зависи само од судиите“, велат нашите соговорници од казнено-поправните установи.
Уверуваат дека само така ќе се растоварат натрупаните затвори.
С. К. ДЕЛЕВСКА