Речиси се готови протоколите за враќање на сите ученици во училиштата во новата учебна година, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој смета дека ако ситуацијата со ковид-19 во септември биде како сега, учениците треба да се вратат во школите.
„Протоколите се скоро готови, има уште некои технички детали кои го работат работната група од Министерството за образование и наука (МОН) и епидемиолози од Комисијата за заразни болести. Се однесува на тоа ученици да се присутни 100 проценти, т. е целото одделение или клас. Мерките се однесуваат на тоа да нема мешање на различни класови, и мерки за дезинфекција“, кажа министерот по панел-дискусијата на тема „Здравствени услуги по мерка на ранливите групи граѓани – како да се подобри системот врз основа на досегашното искуство“ во Музејот на современа уметност (МСУ).
Филипче кажа и дека како ќе стигне очекуваната од 600 илјади ковид вакцини, со нив ќе се вакцинираат и сите наставници. Од 30 илјади наставници, досега се вакцинирани 10 илјади, односно тие кои одеа на настава со физичко присуство и кои беа дел од полагањата на државната матура.
Б. НЕСТОРОСКА