Поп ѕвездата Бритни Спирс изјави дека си го сака животот назад откако на судско сослушување во Лос Анџелес го опиша 13-годишното старателство на татко ѝ како злоставување. Првпат зборувајќи за својот случај на отворено сослушување, Спирс го обвини татко ѝ дека ја контролирал 100.000%.
„Ми беше ускратена желбата да имам уште деца и бев ставена на терапија со валиум спротивно на мојата волја“, кажа Спирс.
Џејми Спирс ја доби контролата врз деловните работи на Бритни со судска одлука во 2008 година, во периодот кога таа доживеа нервен слом и се појавија грижи за нејзиното ментално здравје.
„Не сум среќна. Не можам да спијам. Трауматизирана сум и плачам секој ден. Само си го сакам мојот живот назад“, кажа Бритни Спирс во 20-минутниот разговор преку телефонска врска.
Судијката ѝ се заблагодари на Спирс за храбрите зборови, но не донесе пресуда. Пред евентуално укинување на старателството, се очекува долг судски процес.
„Сакам ова старателство да заврши без да ме проценуваат. Заслужувам да имам живот. Работев цел живот и заслужувам да имам две-три години одмор“, кажа таа.
Спирс, која има две деца, изјави дека сакала да се омажи за своето момче и да роди уште едно дете, но не ѝ било дозволено да го отстрани вградениот контрацепциски уред.