Германија и САД покренаа заедничка иницијатива која ќе има за цел да го одржува во живот сеќавањето на Холокаустот и ќе им се спротивставува на оние кои ги негираат нацистичките злосторства.
Заедничката декларација ја потпишаа германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и државниот секретар на САД Ентони Блинкен во Меморијалот за убиени европски Евреи во Берлин. Тие договорија и одржување на првата конференција за Холокаустот подоцна оваа година.
„Длабоко сме загрижени што негирањето, ревизионизмот и извртувањето на Холокаустот се во подем, исто како и антисемитизмот“, стои во декларацијата.
САД и Германија кажаа дека сакаат да промовираат подобро образование за Холокаустот низ светот.
„Наша обврска е да сториме сè за да обезбедиме идните генерации да ја научат вистината за Холокаустот и да се спречи повторување на такви ужасни злосторства против човештвото“, се вели во декларацијата.
Блинкен, кој има еврејски корени и чиј очув ги преживеал концентрациските логори Треблинка, Мајданек, Дахау и Аушвиц, ја опиша иницијативата како историски дијалог.