Во Скопје се одржува втората Парада на гордоста. Стотици луѓе од најразлични генерации се приклучија на маршот и славењето на различности, што тргна од паркот Жена борец, а главниот собир е во Градски парк пред Школка, каде што ќе има и неколкучасовна музичка програма.
Парадата низ центарот на Скопје помина без проблеми и инциденти, а меѓу учесниците беа и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска и министерките Радмила Шекеринска и Јагода Шахпаска. Премиерот Зоран Заев преку Фејсбук ја изрази својата поддршка за парадата.
„ЛГБТИ заедницата ја има владината и мојата поддршка за каузата која значи еднаквост и која последните четири години слободно се манифестира во нашето едно и еднакво општество, а на јавните простори во Скопје и со организацијата на #SkopjePride. Го делам ставот дека никој не е слободен додека секој еден не се ослободи затоа што нашата заложба за ‘Едно општество за сите’ ќе се реализира целосно кога секој глас ќе биде слушнат и најважно од сѐ – прифатен како еднакво важен со сите други. Манифестираме европски и солидарни манири среде Балкан. Ова е нашиот нов Балкан, слободен, човечки и разновиден. Повикувам здружно да продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас“, објави Заев.
Настанот го организира Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Првата Парада на гордоста се одржа пред две години, а лани беше одложена поради ковид кризата.