Стотици ненадејни смртни случаи се регистрирани во Канада среде најголемите жештини во историјата на земјата. Околу 485 луѓе починале само во Британска Колумбија во изминатите пет дена, што е зголемување за 195% во споредба со вообичаените бројки за тој период.
Здравствените власти велат дека повеќето од починатите живееле сами во домови без вентилација, додавајќи дека во изминатите три до пет години имало само три смртни случаи во Ванкувер поврзани со жештини.
Гратчето Литон во Британска Колумбија вчера беше евакуирано само ден откако таму беше измерена највисоката температура во историјата на Канада од 49,6 Целзиусови степени.
„Целиот град беше во пламен. Поминаа само 15 минути од првите знаци на чад до ширењето на огнот насекаде“, изјави градоначалничката Џен Полдерман.
Досега невидениот жежок бран е предизвикан од купола со висок притисок, што се протега од Калифорнија до арктичките територии. Овој временски систем сега се движи источно, кон канадските провинции Алберта и Саскачеван.
Во САД, најпогодениот регион е Пацифички Северозапад, каде што има најмалку 80 починати во сојузните држави Орегон и Вашингтон.