МОНАХИЊИТЕ ОД МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ЃОРЃИ“ ВО РАЈЧИЦА ИЗРАБОТУВААТ УНИКАТНИ МИТРИ ЗА ЕПИСКОПИ И ВЛАДИЦИ ОД ЦЕЛ СВЕТ

    МОНАХИЊИТЕ ОД МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ЃОРЃИ“ ВО РАЈЧИЦА ИЗРАБОТУВААТ УНИКАТНИ МИТРИ ЗА ЕПИСКОПИ И ВЛАДИЦИ ОД ЦЕЛ СВЕТВо манастирот досега се изработени над 1.600 митри. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На само неколку километри од албанската граница, на два часа возење од Скопје, се наоѓа манастирот „Свети Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица, место посветено не само на молитва и медитација, туку и на вештината на рачна изработка на еден од најзначајните симболи во Православната црква, митри.

    Тоа се наши круни“, вели сестра Ефимија за митрите што ги носат епископи и патријарси во православните цркви.

    Манастирот „Свети Ѓорѓи Победоносец“ е изграден во 1835 година врз темели на црква од 16. век, исто така посветена на Свети Ѓорѓи. Женскиот монашки живот е возобновен во 2001 и е под духовно раководство на Бигорскиот манастир.

    Манастирот е изграден во 1835 врз темели на црква од 16. век

    Во овој регион, под духовно раководство на нашиот старец и владика, епископот Партениј Антаниски, постојат четири манастири: нашиот, Пречистанскиот манастир на Мајката Божја, Кнежискиот манастир посветен на Свети Ѓорѓи и главниот, Бигорски манастир. Во овие наши четири семејства живеат и се подвизуваат повеќе од 50 монаси, а во целата земја околу 200 во вкупно 20 манастири“, вели Ефимија.

    Во манастирот се одвива целиот процес на изработка на митрите

    Она што е специфично за „Свети Ѓорѓи Победоносец“ е изработката на архиерејските митри.

    „Тие се познати во целиот православен свет, бидејќи нашите круни ги носат владиците во Америка, Русија, Африка, Германија, Полска, Чешка, Бугарија, Србија, но најмногу во Грчката православна црква. Она по што се разликуваат нашите митри е раскошниот византиски стил на изработката, што во континуитет се негува во Грчката православна црква“, појасни Ефимија.

    Процесот на изработка на една митра може да трае три-четири недели, но и четири-пет месеци

    Во манастирот се одвива целиот процес на изработка на митрите, од подготовката и осмислувањето на везот до украсувањето со скапоцени камења.

    Целото сестринство е вклучено во процесот и тоа е наше главно послушание, главен извор на егзистенција во манастирот. Досега сме изработиле над 1.600 митри, секоја уникатна, зашто секој владика има свои барања и вкус. Некои сакаат повеќе рачен вез, а некои стандарден тип на митра со машинско везење. Процесот на изработка на една митра зависи од нарачателот и од тежината на рачната работа, па може да трае најмалку три-четири недели, но и четири-пет месеци“.

    Манастирот чува дел од дланката на Свети Ѓорѓи што му беше дадена од Грчката православна црква

    Во манастирот се наоѓа и дел од моштите на Свети Ѓорѓи.

    Нашето сестринство е особено радосно поради тоа. Конкретно, се работи за дел од дланката, дадени на владиката Партениј од архимандритот Епифаниј од Грчката православна црква во 2003 година. Оттогаш, тие ги крепат нашето сестринство и сите оние кои доаѓаат да му се помолат на Свети Ѓорѓи, а доаѓаат многумина, бидејќи многупати се покажала нивната чудотворна моќ“, вели Ефимија.

    Женскиот монашки живот во манастирот е возобновен во 2001

    Текст и фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира