Шведската компанија „Ериксон“ денеска потврди дека добила барање од Специјалното јавно обвинителство за техничка помош во истрагата за прислушувањето, но вели дека компанијата не е сопственик ниту оперира со опремата за прислушување.
„’Ериксон’ потврдува дека на 19-ти октомври 2016 година доби барање од Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), по судска наредба од Основниот суд Скопје 1 во Скопје, за техничка асистенција заради истрага и во врска со функционалноста на законското пресретнување на комуникации. За понатамошни информации поврзани со оваа истрага, ‘Ериксон’ Ве упатува на Специјалното Јавно Обвинителство за овој случај“, вели компанијата во пишаното соопштение до медиумите и додава:
„Законското пресретнување на комуникации е задолжителна и стандардна функционалност во мрежите на јавната телефонија и телеком операторите и земјите во светот се обврзани да овозможат таква функционалност за локалните власти. ‘Ериксон’, како производител на телефонски системи и опрема, исто така, е производител на системи за законско пресретнување. ‘Ериксон’ не е сопственик на опремата, ниту оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите“.
Од Специјалното јавно обвинителство во четвртокот изјавија дека во компанијата што е производител на прислушната опрема „Ериксон“ е покрената внатрешна процедура, па се очекува во Скопје да допатува и тамошен експерт со поголеми овластувања кој ќе му помогне на УБК до крај да ја испочитува судската наредба.
Тие очекуваат од УБК наскоро да ги добијат потребните докази од кои може да се открие дали во оваа институција имало незаконско прислушување во периодот од 2008 до 2015 година, откако и двајцата администратори вработени во УБК се вратиле од службен пат и се појавиле на работа.
Од вчера во Управата за безбедност и контраразузнавање нема истражители на СЈО затоа што директорот Владимир Атанасовски го одбил барањето да дозволи физичко присуство на истражители од СЈО во просториите на УБК се до доаѓањето на надворешниот експерт кој би асистирал при спроведување на судската наредба, со образложение дека УБК гарантира дека опремата и системите ќе бидат обезбедени.
Од СЈО велат дека одговорноста за обезбедување на опремата и системите, до пристигнувањето на надворешниот експерт, во целост е на товар на Управата за безбедност и контраразузнавање и појаснуваат дека компјутерските податоци кои треба да се одземат ќе овозможат утврдување дали се вршени манипулации со системите или се бришени одредени податоци.
СЈО минатата среда влезе во просториите на тајната полиција за да ги преземе сите посебни истражни мерки, документацијата за тие мерки и сите имиџи и разговори кои се снимени. Но, тимот обвинители и истражители на ова обвинителство се соочи со опструкции од вработените во УБК, како и од директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.