На почетокот од туристичката сезона Охрид е полн со туристи за време на викендите, но во останатите денови нема забележителен број гости. Претежно се домашни посетители и помали групи од Полска и Украина.
Нема поголем број на туристи ниту од соседството. Иако беа масовно најавувани, Србите заминувале во Грција и Албанија.
„Ги нема во тој број во кој ги очекувавме. Грција и Албанија се отворени за нив, голем број од српските државјани се вакцинирани и може да патуваат за Грција, а тоа е нивна дестинација број еден и затоа ги нема во голем број во Македонија“, вели Филип Стефаноски туроператор од Охрид.
Изостанаа и најавуваните чартер летови на туроператорите ТУИ и Корендон од Холандија, па туристичките работници сега стравуваат дали воопшто ќе дојдат холандските туристи. Спасот го гледаат во домашните туристи, бараат да се зголеми бројот на ваучерите за летување кои Владата ги дава за спас на туристичкиот сектор од ковид-пандемијата.
„Сѐ уште нема летови, сега прашање е дали воопшто ќе полетаат на оваа дестинација. Сите туроператори оваа година имаат голем проблем со авиопревозот, бидејќи во 2019 имале договори со авиопревозниците да летаат за нив. Во коронакризата сите тие летови беа откажани, па сега треба нови договори. Сега има помалку летови, а се одбираат дестинации каде има поголеми попусти и поволности. Кај нас остануваме повторно кај домашните гости. Од странците ги имаме Полјаците и очекуваме да летнат неколку авиони неделно, но за разлика од минатите години, тоа е скромна бројка на странски ноќевања на охридско-струшката ривиера“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Блажески смета дека 1.250 ваучери за летување издадени од Владата не се доволни за спас на туристичкиот сектор.
„Сметаме дека се премалку во однос на минатата година кога имавме ваучери од по 100 евра, а во вкупна вредност од милион евра. Сега ваучерот е 200 евра, но процедурата да се добие е потешка, а вкупната вредност е 250 илјади евра. Тоа е премалку за покривање на загубите кои се направени“, додава Блажески.
Туристичките работници стравуваат дека ќе се намали и бројот на очекуваните полски гости на брегот на Охридското Езеро по последната одлука на Владата на Полска, која воведе карантин за граѓаните кои патуваат во земји надвор од Европската Унија. Македонија е на зелената листа на ЕУ, занчи влезот е дозволен со ПЦР тест и без карантин, но секоја земја посебно ги прави своите правила за влез.
„Државјаните од Полска кои се вакцинирани само ќе може да патуваат за останатите ќе треба ПЦР тестови на враќање во Полска или карантин. Мислам дека ЕУ си се заштити самата себе и сака да ги задржи готите во ЕУ зоната“, вели туроператорот Стефаноски.
С. ВРЕНЦОВСКА