ПЕТТЕ АВТОБУСИ ЗА ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО ТЕТОВО ШЕСТ МЕСЕЦИ ЧЕКААТ ДА ПРОВОЗАТ

    ПЕТТЕ АВТОБУСИ ЗА ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО ТЕТОВО ШЕСТ МЕСЕЦИ ЧЕКААТ ДА ПРОВОЗАТШест месеци петте автобуси седат паркирани на плацот кај противпожарната станица во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Поминаа цели шест месеци откако градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи јавно објави дека Тетово, после години и години чекање, конечно ќе добие јавен градски превоз. На таа свеченост, одржана на крајот на јануари годинава во присуство и на министерот за економија Фатмир Бесими, беа промовирани петте градски автобуси, при што беше речено дека е потребно да се средат само некои административни формалности и градскиот автобуски превоз наскоро ќе започне да функционира.

    Тоа средување на административните формалности трае повеќе од шест месеци, а за тоа време петте автобуси седат паркирани на плацот кај противпожарната станица во Тетово.

    Директорот на Јавното претпријатие „Градски превоз“ Дарко Спировски, вели дека не може со сигурност да каже кога официјално ќе стартува градскиот превоз , но тоа може да се случи набрзо.

    „Сега сѐ уште сме во подготвителна фаза. Извршивме обука на дел од возачите на автобусите и повремено ги пуштаме во сообраќај за да можат возачите подобро да се запознаат со условите за возење низ градот. Тоа се пробни возења, за стекнување искуство на возачите. Исто така, во тек е опремување на канцелариите во спортската сала каде ќе биде сместена дирекцијата на Јавното претпријатие. Кога точно ќе започне да функционира градскиот превоз засега не може со сигурност да се каже бидејќи тоа зависи од многу фактори, а има уште технички работи кои треба да се завршат, но тоа би требало да биде набрзо“, вели Спировски.

    Еколошките друшта од Тетово редовно ја критикуваа градоначалничката Арифи зашто ништо не презема за Тетово да добие јавен превоз како и многу други градови во државата, за да се намали загадувањето на воздухот и да се растерети сообраќајот во градот. Затоа, кога се објави дека и Тетово добива јавен превоз, екологистите ја поздравија таа одлука, но сега повторно ја критикуваат Општината бидејќи предолго се чека тој да проработи.

    „Автобусите наменети за функционирање на градскиот јавен превоз шест месеци стојат паркирани и шест месеци се амортизираат без да направат ниту еден километар. Потребата на Тетово за јавен градски превоз е голема и жално е што Општината досега не успеа да ги стави во употреба овие автобуси. Се добива впечаток дека тие се земени само за реклама, а всушност треба што е можно поитно да се стават во употреба. Кога ќе биде тоа ние не знаеме, но мислам дека тоа најверојатно ќе биде некаде пред почетокот на локалните избори и навистина нема воопшто нема да бидам изненаден ако тоа се случи токму тогаш“, вели Аријанид Џафери од движењето „Еко герила“.

    Јавниот градски превоз во Тетово е предвидено да се одвива по булеварите Илирија и Илинденска, но овие сообраќајници денес се едни од најоптоварените со возила и  често има по два па и три редови паркирани возила. За да може градскиот сообраќај да профункционира се предвидува да се забрани паркирањето на овие сообраќајници.

    „Во наредниве неколку денови ќе завршиме со поставувањето на велосипедската патека на булеварот Илинденска, па потоа овде и на булеварот Илирија ќе се обележи посебна жолта лента по која ќе се движат автобусите од градскиот сообраќај. Тоа ќе значи дека на овие две сообраќајници веќе не ќе може да има паркирање на возила на коловозот. Ако не го направиме тоа, автобусите не ќе можат да се движат или ќе се движат крајно отежнато, а тоа не е во функција на јавниот превоз. Тие што досега се паркирале на коловозот ќе мора да најдат друго место за паркирање“, вели Арсим Нуредини, раководител на Секторот за комунални дејности при Општина Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира