Италија е првиот финалист на Европското првенство во фудбал, откако вечерва ја победи Шпанија во полуфиналето по изведувањето на пеналите.
Натпреварот на „Вембли“ во Лондон заврши 1:1 по 120 минути игра, а Италија победи со 4:2 на пенали. Федерико Киеза во 60. минута ѝ донесе водство на Италија, а Алваро Мората израмни за Шпанија 20 минути подоцна.
Ударите од белата точка почнаа со промашувања и на Италија и на Шпанија, па следуваа пет прецизни удари, по што италијанскиот голман Џиџи Донарума го одбрани пеналот на Мората. Жоржињо потоа погоди за Италија за пласман во финалето.
Вториот финалист ќе биде познат утре, на „Вембли“ играат Англија и Данска. Финалето се игра в недела.