АВТОБУСКОТО МЕТРО ВО СКОПЈЕ ЌЕ МИНУВА НАД ГЛАВНАТА ЦЕВКА ЗА ВОДА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА ПУКНЕ

    АВТОБУСКОТО МЕТРО ВО СКОПЈЕ ЌЕ МИНУВА НАД ГЛАВНАТА ЦЕВКА ЗА ВОДА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА ПУКНЕНа трасата ќе се постави т.н. ѕвоно кои ќе ги дисперзира вибрациите од возилата. (Фото: Град Скопје)

    Автобуското метро кое ќе се воведува во Скопје ќе минува врз главната цевка за вода. Под средишната жардинера на булеварот Партизански одреди на потегот од Ѓорче Петров до зградата Тифани се наоѓа главната цевка за водоснабдување на Скопје Ф 1.600.

    Според вчерашната презентација на проектот жардинерата ќе биде отстранета, а на нејзиното место ќе биде трасата за Бас рапид транзитот (БРТ). Возила ќе има на секои три минути, а во средината ќе бидат изведени и затворени станици по принципот на метро станиците.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека нема никаква опасност од пукање на главната цевка за вода поради движењето и вибрациите од автобусите бидејќи предвидени се соодветни и современи решенија.

    „Сите аспекти се земени во предвид кога експертите и консултантите работеа на решението. Во тендерската документација ќе се бара долж трасата на булеварот Партизански одреди да се постави т.н. ѕвоно со што ќе се дисперзираат вибрациите од возилата на страна односно на другите коловозни ленти. Ќе се предвидат посебни решенија и за четирите локации каде има воздушни вентили“, вели Шилегов.

    Зелинилото кое ќе се отстрани од средишните жардинери заради изградба на трасата ќе се надомести на тој начин што од двете страни ќе се изведат зелени коридори кои всушност ќе го одвојуваат БРТ од лентите за коли.

    Со Бас рапид транзитот во Скопје ќе се воспостават две линии од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат првата траса ќе биде околу 65.000 на ден. Со имплементција на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на 3-4 минути и од Ѓорче Петров до Ново Лисиче да се стасува за 35 минути.

    До крајот на месецов ќе биде распишан тендерот за првата траса, кој треба да заврши во март и според најавите на градоначалникот Шилегов, новиот јавен превоз би профункционирал во 2023. Воведувањето на двете делници ќе чини 70 милиони евра кои се обезбедени преку заем од ЕБОР.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира