АВТОБУСКОТО МЕТРО ВО СКОПЈЕ ЌЕ ОДИ ПО СРЕДИШНИТЕ ЖАРДИНЕРИ, ЌЕ БИДЕ ОДВОЕНО ОД ЛЕНТИТЕ ЗА КОЛИ СО ЗЕЛЕНИЛО

    АВТОБУСКОТО МЕТРО ВО СКОПЈЕ ЌЕ ОДИ ПО СРЕДИШНИТЕ ЖАРДИНЕРИ, ЌЕ БИДЕ ОДВОЕНО ОД ЛЕНТИТЕ ЗА КОЛИ СО ЗЕЛЕНИЛОГрадоначалникот Петре Шилегов кажа дека дрвјата кои сега се наоѓаат во жардинерите нема да се исечат туку ќе се пресадат, а со решението ќе се дуплира зеленилото. (Фото: Град Скопје)

    Воведувањето на Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро е најдобро решение за Скопје, рекоа експертите од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и консултантите кои работеа на изработката на проектот на денешната презентација. Според нив, овој нов систем на јавен превоз ќе овозможи брз и еколошки превоз за граѓаните.

    Возилата ќе се движат по посебната лента која ќе биде во средишните жардинери, а ќе биде одвоена од лентите за сообраќај со зеленило од двете страни. Станиците ќе бидат од затворен тип, што значи наплатата ќе се врши во нив по принципот на метро станиците, а не во автобусите. Со тоа, пократко ќе биде задржувањето на патниците и ќе се овозможи поголема брзина на возилата. Од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе се стасува за 30 минути.

    „Скопје е прв град на Балканот кој воведува ваков проект. Речиси три години работевме на реализацијата на овој проект кој сметаме дека според концептот е најдобро решение за Скопје. Можеби ќе влијае на начинот на кој ќе доаѓате на работа во иднина, ќе има промени, но постигнато е многу и направено е решение кои во ЕБОР е бодирано со сребрен стандард“, рече Ијан Џенинкс, помошник директор на Европска банка за обнова и развој.

    Градимир Стефановиќ, сообраќаен експерт за БРТ кој работи во Лондон, рече дека овој систем е најпрактичен за Скопје и станува збор за систем кој е приближен на метро.

    „Јас пред 40 години работев на тогашниот проект за воведување на метро во Скопје. Автобускиот превоз во еден град е добар но тоа не е систем, ова е систем. Многу јужноамерикански држави сакаат метро, но немаат средства да го извадат и овој систем е одлична замена“, рече Стефановиќ.

    Градоначалникот Петре Шилегов кажа дека дрвјата кои сега се наоѓаат во жардинерите нема да се исечат туку ќе се пресадат, а со решението ќе се дуплира зеленилото бидејќи ќе бидат изведени зелени коридори од двете страна на трасата каде ќе минуваат возилата од БРТ.

    „Јас сум горд што Град Скопје почнува да го реализира овој проект кој ќе има сериозен импакт во намалување на загадувањето. Ќе направиме сè да го зачуваме зеленилото. Сега на овој потег има 7.759 садници и билки, а со новото решение ќе го дуплираме зеленилото и ќе има 15.000 садници“, рече Шилегов.

    До крајот на месецот ќе биде распишан тендерот за избор на фирма која ќе ја гради трасата и ќе го воведе новиот превоз во градот. Тендерот треба да заврши во март, со оглед на тоа дека ќе се спроведува во две фази односно со претквалификација и потоа втора фаза за избор од они кои ја минале првата фаза.

    Воведувањето на БРТ во Скопје на двете делници од Ново Лисичи до Ѓорче Петров и од Кисела Вода до Бутел ќе чини 70 милиони евра кои се обезбедени преку заем од ЕБОР.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира