НЕМА ДА СЕ УВЕЗУВА ОТПАД ЗА ГОРИВО ДОДЕКА НЕ ОБЕЗБЕДИМЕ СООДВЕТНИ КОНТРОЛИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ

    НЕМА ДА СЕ УВЕЗУВА ОТПАД ЗА ГОРИВО ДОДЕКА НЕ ОБЕЗБЕДИМЕ СООДВЕТНИ КОНТРОЛИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИМинистерот Нуредини вели предложената одредба е во согласност со законодавството на ЕУ, но дека ја разбира загриженоста на граѓаните за недоволната контрола и немањето на капацитет за редовна и темелна инспекција. (архивска фотографија)

    Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека нема да дозволат увоз на РДФ отпад додека не се обезбедат услови за соодветна контрола, пред денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања, на која што на дневен ред требаше да биде пакетот закони од областа на управување со отпад. Предложените закони се со европско знаменце и со нив повторно се дозволува можноста да се увезува отпад кој што ќе се користи како гориво (РДФ отпад), нешто што беше забрането со законските измени од 5 февруари 2020 година, предложени од ДОМ.

    Пакетот закони не помина собраниската комисија, откако освен опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, за нивно повлекување од дневниот ред гласаше и ЛДП, која е дел од владејачката коалиција.

    Од ЛДП велат дека постапиле по барањето испратено до пратениците од над 30 здруженија да се одложи второто читање на Законот за управување со отпад и Законот за управување со пакување и отпад од пакување и да се организира јавна расправа.

    31 здружение на граѓани и високообразовни установи вчера побараа да се одложи носењето на овие закони и Собранието да спроведе јавна расправа, но таа да се одржи по летните одмори.

    „Јавната расправа да биде закажана по завршување на периодот на летните одмори, со цел присуство на сите релевантни чинители“, се вели во нивното обраќање до пратениците.

    Министерот Нуредини вели дека предложената одредба е во согласност со законодавството на ЕУ, но дека ја разбира загриженоста на граѓаните за недоволната контрола и немањето на капацитет за редовна и темелна инспекција.

    „Затоа деновиве разговарав и имав средби со пратениците на Собранието, по што дојдовме до заклучок дека на комисиската расправа ќе го адресираме ова барање и заедно со пратениците ќе направиме измена за забрана на увозот на РДФ, бидејќи постои сомнеж дека не сме подготвени за соодветна имплементација на предвидената регулација“, напиша Нуредини утринава на Фејсбук.

    Понатаму, министерот вели дека овие закони воведуваат јасни и финансиски обврски за сите производители на отпадни производи, воведуваат циркуларна економија, селекција и рециклирање, предвидуваат современ и строг регионален систем за управување со отпадот со минимално количество на депониран отпад.

    „Овој пакет закони беше изработуван со години со помош на национални и странски експерти, е јавно достапен од 2019 година и беше консултиран на многу средби, на три официјални јавни расправи со физичко присуство на претставници на локалната самоуправа, комуналните претпријатија, стопанската комора, невладиниот сектор и граѓаните, чии коментари и предлози беа разгледувани и прифаќани и се исто така јавно објавени. Овие закони се можеби едни од најдолго и широко консултираните со јавноста, а јас не пропуштав да ги презентирам во речиси сите мои јавни настапи и гостувања“, вели тој.

    Сепак, додава тој, деновиве во јавноста стана актуелно едно конкретно прашање во однос на увозот на отпадот што ги загрижува граѓаните.

    „Би сакал да напоменам, дека предложената одредба е комплетно хармонизирана со ЕУ законодавството и Базелската конвенција, по кои всушност и ние самите, на пример, ги извезовме количините на винил-хлорид во Охис, или ќе го извезуваме линданот кој ќе започне да се чисти од следната недела. РДФ-от кој е единствено дозволен за увоз за користење како алтернативно гориво, е неопасен нерециклирачки комунален отпад, за кој има пропишано стандарди и кој емитува значително помалку емисии на СО2 и има поеколошки животен циклус од користењето на девствени ресурси, односно најчестиот мазут или петролкокс за што е замена. Затоа, во согласност со регулативата на ЕУ и принципите на циркуларна економија беше предвидена можност и за негов увоз, пред ние самите да почнеме да го создаваме од нашиот отпад“, вели Нуредини и се надева дека што поскоро ќе можеме да ги применуваме овие закони кои требаше да бидат усвоени уште минатата година и конечно ќе започнеме со решавање на горливиот проблем со отпадот во нашата земја на современ и европски начин.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира