Блаже Конески е човекот кој суштински придонесува македонскиот јазик и македонската книжевност да станат дел од светскиот литературен процес, рече министерката за култура Ирена Стефоска на синоќешната промоција на аудиовизуелните записи од неговата поезија. Во дворот на Министерството за култура, на настанот со политичари и уметници, беше промовиран и кус запис за животот и делото на великанот на современиот македонски јазик и култура.
Видеата се изготвени како дел од програмата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која е дел од Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО, а по повод одбележувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на поетот, македонист, академик и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик.
„Кога го чествуваме Блаже Конески, ние ја чествуваме убавината – преку неговата уметност, потоа високата морална свест и супериорноста на разумот, знаењето и доблеста како и највисокиот степен на еманципација, ја чествуваме извонредноста во работата и работната етика. Ги чествуваме човечноста, толеранцијата, ширењето на културата на мирот и, конечно, љубовта кон својата земја, оти само преку таа љубов, но во комбинација со темелното знаење, и Блаже станал (не патриот), туку граѓанин на светот“, кажа Стефоска.
Б. НЕСТОРОСКА