Ревакцината со „АстраЗенека“ во земјава отсега ќе се врши на 6 недели, наместо како што беше досега, на 12 недели по примањето на првата доза, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Одлуката ја донел Националниот комитет за имунизација, а останува на сила одлуката оваа вакцина кај нас да се дава на лица постари од 60 години.
„Во упатството има една флексибилност, тоа е од 4-12 недели. Ние бевме многу внимателни чекајќи ги сите публикации и искуства на другите земји во однос на првично регистрираните несакани ефекти. Како времето одминува и гледаме дека тој ризик е минимален, одлучивме ревакцината да не биде на минимумот од 4 недели, да биде на 6 недели“, рече Филипче на отворањето на нов вакцинален пункт во скопската населба Шуто Оризари.
Вакцинацијата во земјава се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Синовак“. Од денеска почна теренската вакцинација и вакцинацијата без закажан термин.
Б. НЕСТОРОСКА