СДСМ вечерва ги објави првите 30 кандидати за градоначалници на локалните избори наесен и меѓу нив се најде и актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, кој ќе бара уште еден мандат од граѓаните.
Од скопските општини, за уште еден мандат ќе се кандидираат Филип Темелковски во Кисела Вода и Велимир Смилевски во Бутел. Актуелните градоначалници на Штип и Охрид, Сашо Николов и Константин Георгиески, исто така, пак ќе бидат кандидати на СДСМ.
Првите 30 имиња на кандидати за градоначалници ги соопшти лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој кажа дека одлуките се донесени по направени анкети за популарноста на пријавените кандидати.
„Пресудни за одлуките беа анкетите спроведени меѓу граѓаните на овие 30 општини. Сите овие кандидатки и кандидати за градоначалници кои ги објавуваме во оваа фаза се блиски до граѓаните, чесни, одговорни, со конкретни планови и решенија“, изјави Заев.
За овие 30 кандидати, Заев вели дека не станува збор за фаворизирани општини.
„На пример, за општините за кои со сигурност знаеме дека ќе победиме, како Струмица, Центар, Куманово, Карпош, Крива Паланка и други ќе ги објавиме во следните фази“, кажа Заев.