Не обвинувајте ја Владата за политиката на субвенционирање авиопревозници затоа што тоа ѝ носи добро на државата, вели Јозеф Варади, еден од основачите и главен извршен директор на унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ на која, според договорот со македонската Влада, до 2022 година треба да ѝ се исплатат 5 милиони евра.
Со Варади разговаравме на Скопскиот аеродром. Слета со својот тим со еден од компаниските ербаси „А320“ од Сараево и по два-три часа одлета за Будимпешта. Го прашавме дали се сретнал со некого од Владата, да разговараат за спроведувањето на договорот за субвенционирани авиолинии, со оглед на ковид кризата која жестоко го погоди авиобизнисот, и дали евентуално ќе се прави ревизија на тој договор.
„Нема да се сретнам со Владата. Тука сум да се видам со моите луѓе, вработените во базата на Скопскиот аеродром, со раководството на аеродромот, па еве и со вас. Ова е компаниски редовен обичај – барем еднаш годишно летаме за да ги посетиме нашите бази. Последните 18 месеци беше невозможно да се патува и сега сум среќен што конечно имам можност да се видам и да се запознаам со нашите вработени“, вели Варади.
Тој има 55 години. Пред да учествува во основањето на „Визер“, во 2003 бил главен извршен директор на државната унгарска компанија „Малев“. Во меѓувреме, во 2012 „Малев“ пропадна, а „Визер“ стана најголема авиокомпанија во централна и источна Европа со 140 авиони кои летаат на 150 дестинации во 44 држави низ Европа и на Блискиот Исток.
Од Скопје „Визер“ лета со 4 авиони од фамилијата „ербас“ – два А320 со 180 седишта и два А-321 со 230 седишта, сите во економска класа.
Во базата во Скопје работат околу 150 луѓе. Од нив, 80 проценти се македонски државјани и, како што вели Варади, сите се редовно вработени, законски пријавени и со платено социјално осигурување.
Европската комисија во сите досегашни годишни извештаи за напредокот на земјава кон ЕУ изразува загриженост за финансиските погодности што ги дава македонската Влада за авиокомпании, со забелешка дека тие субвенции не се во согласност со европските закони за заштита на конкуренцијата.
Го прашавме Варади дали во процесот на преговарање со ЕУ, отварајќи поглавје по поглавје и со прилагодување на македонското законодавство кон европското, ќе заврши и бизнис интересот на „Визер“ ако Владата одлучи повеќе да не дава субвенции.
„Цело време зборувате за субвенции, но јас не би ги нарекол така“, вели тој. „Едноставно, Владата дава одредена сума пари за развој на инфраструктурата на државата. Погледнете го обемот на тоа. Во моментов, имаме договор за одржување на четири линии и аплициравме за уште две линии од Скопје. Тоа значи дека ова не е субвенција или донација за нашата компанија, туку финансиска поддршка за развивање на мрежата на авионски линии од Скопје и Охрид“, вели Варади и додава дека така прават речиси сите влади во европските земји.
„Унгарската влада го прави истото, германската влада ѝ даде 10 милијарди евра на ‘Луфтханза’, француската и холандската влада ѝ дадоа 12 милијарди евра на групацијата ‘Ер Франс-КЛМ’, норвешката влада го помогна својот авијациски сектор со 500 милиони евра, истото го прави Велика Британија, Хрватска го покрива својот национален превозник со години, а ние тука во Македонија зборуваме за 5 милиони евра за 5 години“, вели тој.
„Не го разбирам прашањето за ‘загриженоста’ на Европската унија, затоа што во Брисел имаат тенденција да имаат двојни стандарди кога станува збор за оценувањето на различни земји“, вели Варади и објаснува:
„Кога се работи за помала држава, тогаш тоа се користи како повод да ве критикуваат, а кога се во прашање големите земји, тогаш тие може да прават што сакаат. Треба да бидеме фер кон македонската влада и на Македонија да ѝ го дадеме истиот контекст како во Европа. Мислам дека е во интерес на државата и на Владата да продолжи да ја развива мрежата на авиолинии и вие во тоа не би биле единствени, нема земја во ЕУ што не го прави тоа. А што се однесува до нашиот приватен компаниски интерес, ние летаме на 28 дестинации без никаква финансиска поддршка, што значи и да секнат субвенциите нема да избегаме“.
На нашата забелешка дека споредбите со другите европски земји не држат затоа што тие имаат домашни авиокомпании, а македонската Влада со пари од македонските даночни обврзници поддржува странски превозник, Варади одговара: „А што ќе ви е државен национален превозник? Да ви ги троши парите од буџетот? Договорот со Владата нема врска со национален превозник. Тој е само да се развие инфраструктурата на државата и да се изгради мрежа со која ќе биде попристапна во светот.“
Министерот за транспорт Благој Бочварски во декември 2020 изјави дека Владата има на располагање 69,5 милиони денари, или околу 10 милиони евра, за субвенционирање домашни и странски авиокомпании, па го прашавме Варади дали унгарската компанија би се согласила да лета на дестинации за кои државата смета дека се од македонски национален интерес, а „Визер“ нема комерцијален интерес да ги одржува?
„Да, тоа е нешто што се вика обврска кон јавниот интерес. Државата има национален интерес за одредени дестинации, распишува јавен повик и компаниите се натпреваруваат. Ние така ги одржувавме линиите од Будимпешта до главните градови во земјите на Западен Балкан, затоа што унгарската држава проценила дека тоа е од нејзин јавен интерес. Секако, ако македонската влада оцени дека некои дестинации се од национален интерес за македонската држава, ние сме спремни да се јавиме на јавниот повик“, вели Варади.
На нашата забелешка зошто во авионите на „Визер“ од базата во Скопје не се нудат македонски производи, дека дури и сендвичите се направени во странство, па така, барем на некој начин компанијата да врати дел од трошокот на патниците во македонското стопанство, Варади одговара дека македонските производи не се конкурентни.
„Да ви кажам лоши вести. Еве, на пример, јас лично сум во бизнисот со вино, имам сопствена винарија. Ама, дури ни јас досега не сум успеал да го внесам моето вино како продукт во ‘Визер’. Ние имаме отворен повик за набавки и секој може да се пријави и секој има шанси да биде избран. Тоа значи дека ако повеќе македонски компании се пријават, можеби ќе бидат и избрани нивните производи. Ако се конкурентни ќе ги избереме, ако не се – нема“.
Што се однесува до Охрид и предлозите на познавачи на воздухопловната индустрија дека Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ би требало да се форсира како нискобуџетен аеродром наспроти Скопје, особено што со последниот договор „Визер“ зеде обврска да одржува дестинации и од таму, Варади вели дека по ковид кризата ќе се обнови мрежата од 2019 година.
„Како што полека излегуваме од коронакризата, ќе почнеме да ги обновиме летовите уше овој месец. Од 32 линии од Македонија кои се ставени на нашиот ред на летање, 7 се од Охрид и картите се веќе пуштени во продажба на нашата веб страна. Да не заборавиме дека пред неколку месеци цела Европа беше затворена, сега почнуваме да излегуваме од кризата, што значи дека ако условите се добри брзо ќе се вратиме и во Охрид со полн капацитет“, вели Јозеф Варади, еден од основачите на „Визер“ со кого разговаравме за време на неговиот неколкучасовен престој на Скопскиот аеродром.
Г. МИХАЈЛОВСКИ