На први ноември му истекува рокот на „Југохром“ за поставување филтри, и ако не ги постави фабриката треба да биде затворена, потсети денеска здружението “Еко герила“од Тетово, едно од најгласните во барањето оваа фабрика да престане да го загадува воздухот во градот и околината.
“Тоа што најитно треба да се превземе со доаѓањето на зимата е на први ноември, кога му истекува рокот на ’Југохром’ за поставување филтри, ако тие не се поставени, фабриката да се затвори и да биде затворена сѐ додека не се постават филтрите“,рече Аријанид Џафери од “Еко герила“ на регионалниот форум за екологија што денеска се одржа во Тетово.
“На форумот нема да се зборува за загадувањето на воздухот, бидејќи сите знаеме дека тој е многу загаден, туку ќе разговараме да се пронајдат начини како полесно да се спаси овој град од загадениот воздух, почва, од загадената вода. Сепак, како прво и основно е во оваа земја да почне да функционира правната држава, бидејќи во земја каде не се почитува законот, таму ќе има и фабрики кои ќе загадуваат, ќе има депонии по градовите и градоначалници кои воопшто не се загрижени за тоа, ќе има градови без јавен превоз, ќе има фрлање смет насекаде“, рече Џафери.
Министерството за животна средина загаденоста на воздухот во Тетово ја мери само преку една мерна станица. Ова не е доволно, па од Институтот за животна средина и здравје при Универзитетот на Југоисточна Европа од најавуваат нови, мобилни мерни станици кои треба да дадат појасна слика за степенот на загаденоста на воздухот и за реоните каде таа е најизразена.
“Институтот за животна средина и здравје при УЈИЕ реализира нови решенија и концепти за мерење на квалитетот на воздухот. Ние развиваме нов систем за неколку мобилни станици кои ќе ги праќаат информациите до една централна база на податоци и од каде ќе се прави подобра аналитика за причините за загадувањето на воздухот како и за тоа кои елементи учествуваат во загадувањето на воздухот. Оваа опрема веќе функционира, беа направени пробни мерења, а сега работиме на утврдување на точноста на мерењата во споредба со референтните мерења кои ги врши Министерството за животна средина. Се работи за пет мерни станици кои се мобилни, можат да се постават дури и на автобуси бидејќи имаат самостојно напојување, и кои, според квалитетот и цената, се далеку поекономични од досегашните стационарни мерни станици. Оваа технологија, односно сензорите на овие мерни станици, производителот ги користи и во програмата на европската вселенска станица“ вели Дарко Спировски од Институтот за животна средина и здравје при УЈИЕ.
Воздухот во Тетово, со доаѓањето на грејната сезона, од ден во ден е сѐ позагаден. Последните мерења на присуството на ПМ 10 честичките во воздухот веќе достигнува 160 микрограми на кубен метар, што е за три пати над законски дозволената граница.Минатата зима присуството на ПМ10 честичките неретко надминуваше и 20 пати над дозволеното ниво.