Пред денешната одлука на УНЕСКО дали Охридскиот Регион ќе се најде на Листата светско наследство во опасност, која ќе се донесе во рамките на 44-та седница на Организацијата во Кина, граѓанскиот сектор со став дека УНЕСКО без одложување треба да го стави Охрид на листата на земји со загрозено наследство.
Од граѓанска иницијатива Охрид СОС велат дека давање нова шанса за спроведување на препораките за заштита на природните богатства ќе значи продолжување на деградацијата на регионот и замижување пред реалната состојба.
„Ако веќе е дијагностицирано дека регионот е сериозно деградиран поради отсуството на механизми за одговорно управување, бидејќи ние сме имале 30 години во земјава политичари, функционери кои немаат способност да управуваат со еден ваков регион, немаат знаење, немаат компетенции, немаат интегритет, во таков случај не може да се каже дека тоа е нова шанса. Би било нова шанса единствено за понатамошно уништување, да се замижи дека регионот не е деградиран, дека не се уништени вредностите кои него го прават светско природно и културно наследство, дека исклучителната универзална вредност е недопрена во регионот што е невистина“, вели Драгана Велковска од Охрид СОС.
Според неа, експертскиот извештај на УНЕСКО ја отсликува реалноста и ако со одлуката, која според неа ја носи политичко тело, а не експертско, Охрид не биде ставен на листата загрозено подрачје, не може да биде добро за регионот.
„Доколку Охрид се премести во листата на опасност, тоа значи дека ќе се активираат соодветни механизми за негова итна ревитализација, најпрво ќе мора да се прекине веднаш со уништувањето, со деградацијата на регионот ќе можат да се добијат и фондови ќе може да се добие и експертска помош од УНЕСКО се со цел регионот да се крене и врати од ова 30-годишно уништување. Но за тоа да се случи, мора да му се пристапи објективно на проблемот. Не смее да се манипулира, да се лажира состојба, во спротивно ќе продолжиме вртоглаво кон патот на амбисот и еден ден ќе дојдеме во ситуација каде нема да има начин за да ги поправиме штетите кои ги направиле корумпирани политичари изминативе 30 години“, вели Велковска.
Неодамна, охридскиот градоначалник Константин Георгиески рече дека независно од одлуката на УНЕСКО продолжуваат активностите за спроведување на нотираните забелешки во Извештајот за зачувување на статусот на светско наследство.
„Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и исходот од сесијата во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот Регион, продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации. Нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети согласно законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките“, рече Георгиески.
УНЕСКО вчера му го одзеде на Ливерпул статусот на светско културно наследство, оти многуте години градење предизвикале непоправлива штета на историската вредност на неговото викторијанско пристаниште.
На состанокот во Кина, УНЕСКО соопшти дека „неверојатната универзална вредност на крајбрежјето на Ливерпул е уништена од нови згради“, вклучувајќи го новиот стадион на Евертон, вреден 500 милиони фунти.
Ваква судбина претходно ги снајде и засолништето на орикси во Оман (2007) и долината на Елба во Дрезден (2009).
С. ВРЕНЦОВСКА