Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски денеска во Основниот кривичен суд беше неправосилно осуден на 6 години и 6 месеци затвор, ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски на 6 години и три месеци затвор, а поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на 6 години затвор за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, околу организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 година.
За избеганите Никола Груевски во Унгарија и Никола Бошкоски – Боксер од УБК, кој е побегнат во Солун, постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење.
Образложувајќи ја пресудата, судијата Илија Трпков кажа дека на судењето беа викнати над 100 сведоци на одбраната.
„Дозволив, тоа е право на обвинетите. Но, како да им поклонам верба на нивните искази кога тврдеа дека ВМРО-ДПМНЕ немала врска со организацијата на протестите на ‘За заедничка Македонија’, а овде беа изведени докази од телефоните на обвинетите како организираат, повикуваат луѓе, говорници, тапани најсилни на свет…“, рече Трпков и додаде дека во овој случај не ѝ се судеше на ВМРО-ДПМНЕ.
Држава се брани со ум и срце, а не со насилство, рече судијата Иле Трпков според кој, со организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година беше повредена сржта на демократијата.
Судијата се наврати и на изјавата на поранешниот премиер Никола Груевски, кој повика „народот да не седи дома во папучи, да ја преземе судбината во свои раце“
Судијата потсети и дека Вељаноски на конститутивната седница не ја смени точката на дневен ред по барање на 10 пратеници, што е деловничко право, ја заклучи седницата. Но претходно му дозволи на пратеник да ја испее албанската химна. Тоа го сторил откако го известил Груевски во Виена дека после 17 часот, СДСМ ќе го бира Талат Џафери за претседател. Во тој момент Јанакиески му рекол на амнестираниот Крсто Мукоски да ја отвори вратата на Собранието.
Потоа се осврна на Владимир Атанасовски, тогашен директор на УБК, организатор, насочувач, не само за упад во Собранието, туку и претходно во ДИК.
Со него е цело време и избеганиот обвинет Никола Бошковски – Боксер, до носењето на возило со оружје пред Собранието. Судијата спомена сведочење како Атанасовски наредува да се здробат во УБК снимките од хард дискот од безбедносните камери во Собранието.
Според обвинението што го поднесе и го застапуваше шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, обвинетите, на почетокот на 2017 година, по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на државата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.
„За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето ’За заедничка Македонија‘ што кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието“, стои во обвинението, кое Судот смета дека обвинителството го докажа.
Критичниот ден тие организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ Јанакиески и Ристовски континуирано го мобилизирале членството на таа партија од Скопје и од другите градови, во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието. Тие знаеле однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.
„Во исто време, еден од осомничените, Никола Бошкоски – Боксер, со возило сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот ‘Жена Борец’ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието да ги извадат хард дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди“, стои во обвинението, за кое денеска беа изречени пресудите.
Трајко Вељаноски судењето го тераше слободен, бидејќи Собранието не му го одзеде имунитет. Всушност, не се ни гласаше за него, спикерот Талат Џафери остави да истече рокот за гласањето на седницата за имунитетот.
С. К. ДЕЛЕВСКА