СЀ ПОМАЛКУ ПАЦИЕНТИ ИСПРАЌАМЕ ВО СТРАНСТВО ЗА ТУМОРИ НА КОСКИ, ОТИ ИМАМЕ УСЛОВИ ДА ГИ ОПЕРИРАМЕ КАЈ НАС, ВЕЛАТ ДОКТОРИТЕ ОД КЛИНИКАТА ЗА ОРТОПЕДИЈА

    СЀ ПОМАЛКУ ПАЦИЕНТИ ИСПРАЌАМЕ ВО СТРАНСТВО ЗА ТУМОРИ НА КОСКИ, ОТИ ИМАМЕ УСЛОВИ ДА ГИ ОПЕРИРАМЕ КАЈ НАС, ВЕЛАТ ДОКТОРИТЕ ОД КЛИНИКАТА ЗА ОРТОПЕДИЈАД-р Самарџиски, д-р Трајковски, министерот Филипче и д-р Јахја денеска зборуваа за важноста од рана превенција, во чест на месецот на остеосаркомот. (Фото: Принскрин од видео)

    Сѐ помалку пациенти со малигни заболувања на коскениот систем се праќаат на лекување во странство, бидејќи со реновираните оддели на Клиниката за ортопедија се создадени услови за третман дома, рекоа денеска докторите од Клиниката, на одбележувањето на месецот на остеосаркомот, малигно заболување.

    Владина делегација минатата недела го претстави целосно опременото реновирано крило, со болнички капацитети, санитарни јазли, простории за болнички пациенти, но докторите денеска подетално објаснија за што станува збор, односно дека одделот е наменет за пациентите кои што се лекуваат од малигни мускулоскелетни тумори и со тоа се овозможија подобри услови за лекување.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека на оваа Клиника годишно се лекуваат 150 пациенти со малигни болести, а за првпат беше направена и трансплантација на коскено ткиво од починат донор кај пациентка која имала тумор на бутната коска. Пациентката се опоравува и веќе 2 месеца користи штаки. Од почетокот на годинава досега се оперирани 16 пациенти. Најголем дел од коскените саркоми се дијагностицирани кај пациенти на возраст помеѓу 10 и 20 години, односно деца и адолесценти. Процентуалната застапеност на саркомите во подоцнежна возраст е значително помала. Мекоткивните саркоми се најчести кај возрасната популација под 40 години и кај возрасната група помеѓу 40 и 60 години.

    Директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) д-р Александар Трајановски рече дека порано пациенти беа испраќани во странство, што беше на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), а како што рече директорот на Ортопедија д-р Даљип Јахја, со реновирањата на одделот после 7 децении, со коскената банка и со донацијата на фрижидерот за коски од германската амбасада, сѐ помалку пациенти се испраќаат во странство за туморски протези.

    „Нашата работа е саркомот, т. е малигните заболувања на сврзните ткива, за разлика од карциномите кои се тумори од жлездно потекло. Втор предмет на наша работа се метастази на коски од карциномите. Саркомите се релативно ретки, многу смртоноски болести кои ако не се лекуваат во рок од 2 до 3 години, 100 осто ќе ги однесат пациентите на другиот свет. Сериозноста на нивната дијагностика и третман е толку голема што во светот се формирани специјални групи наречени саркома конзилиуми од мултидиспилинарен карактер, каде имаме доктор ортопед, ортопедски хирург, патолог, онколог, радиолог. Со работата на тие конзилиуми, се намалува грешката во одлучувањето, грешката во дијагностиката  и пропустите  во лекувањето на пациентите. Ефикасноста на лекувањето се зголемува многупати“, рече д-р Милан Самарџиски, раководител на Оддел за ортопедска онкологија со коскено зглобна трансплантација.

    Тој додаде дека  не постои превенција за малигните заболувања, туку брзото откривање и дека раната дијагностика е од најголема важност.

    „Следува уште една тура реновирање, а тоа се амбулантите, уште едната последна операциона сала и друго крило“, кажа Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира