Фудбалскиот клуб Вардар од денес има нов спонзор „Блу скај инвестмент“, кој го презема клубот сосе долгот оставен од досегашниот газда, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Денеска новиот спонзор беше претставен на прес-конференција која ја одржаа градоначалникот Петре Шилегов, сопственикот на „Блу скај инвестмент“ Слободан Крстевски и Самоил Симев, поранешниот директор на ФК Вардар, а на наредната седница на Советот на Град Скопје одлуката треба да биде усвоена.
Долгот кој го остави Самсоненко е 2,4 милиони евра, а новиот инвеститор како што кажа градоначалникот Петре Шилегов, ќе го покрие, ја презема обврската во целост да ја рехабилитира екипата и што е можно побрзо тимот да се врати во првата фудбалска лига.
„На мое огромно задоволство, можам и официјално да соопштам дека успешно заврши посредувањето на Градот Скопје со стариот и новиот инвеститор и сопственик на ФК Вардар, со што всушност успеваме да обезбедиме извесна иднина за клубот, како една од најголемите спортски институции во нашава земја. Станува збор за фирмата ‘Блу Скај инвестмент‘ која е согласна во целост да го преземе постојниот договор со сите услови што Град Скопје го има склучено со поранешниот сопственик. Сите долгови кои се настанати во меѓувреме, кон сите коминтенти и играчи, во наредниот период ќе бидат во целост подмирени од новиот инвеститор, што е дел од новиот договор“, кажа градоначалникот Петре Шилегов.
Сергеј Самсоненко го презеде ФК Вардар од Град Скопје во 2014 година. Лани најави дека се повлекува од ФК Вардар и го враќа на Град Скопје, бидејќи финансирањето на клубот претставувало голем товар за него и дека било многу тешко да се издржи откако му е земен хотелот кој почна да го гради на Плоштад Македонија.
Градоначалникот Петре Шилегов не сакаше да го преземе клубот без Самсоненко да ги расчисти долговите, па Вардар цела сезона се соочуваше со финансиски потешкотии. Најтрофејниот клуб во земјава испадна и од првата фудбалска лига, па во претстојната сезона ќе игра во втората лига.
А. АНТЕВСКА