КАЗНА ОД 3.000 ЕВРА ОТИ СЕ ЗАПАЛИ ДЕПОНИЈАТА КРАЈ ВЕЛЕС, НЕ Е НАВЕДЕНО КОЈ ЌЕ ЈА ПЛАТИ

    КАЗНА ОД 3.000 ЕВРА ОТИ СЕ ЗАПАЛИ ДЕПОНИЈАТА КРАЈ ВЕЛЕС, НЕ Е НАВЕДЕНО КОЈ ЌЕ ЈА ПЛАТИОд запалената депонија беше загаден и воздухот во Велес (Фото: СДК.МК)

    Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) изрече казна од 3.000 евра за запалената депонија за комунален смет крај Велес. Таа гореше два дена, кога велешани се гушеа во чад, кој е канцероген. Жестоки беа реакциите на граѓаните за чадот кој ги будеше од сон и го поремети животот на велешани два дена.

    „На 29 јули, извршен е надзор на запалена депонија во Велес, од која беше загаден и воздухот во градот. По надзорот, изречена е казна од 3.000 евра во денарска противвредност и издадена е наредба за примена на законски пропишани технички услови – дневно прекривање со земја и 24-часовен надзор, согласно Законот за управување со отпад“, соопштија од ДИЖС.

    Во писмената информација не се прецизира кој ќе ја плати казната. Со депонијата за комунален смет во Велес управува ЈКП „Дервен“.

    Од инспекторатот дополнуваат дека за потенцијални загадувачи повеќе нема да даваат опомени, туку преминуваат директно на санкции.

    „Нема оправдување за пожарите на депониите, бидејќи граѓаните не смеат да дишат загаден воздух“, велат од ДИЖС.

    Во наредниот период продолжува надзорот на општинските непрописни депонии во Пробиштип, Охрид, Струмица, Берово, Ново Село, Русино и секаде каде што комуналните претпријатија не постапуваат согласно закон.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира