Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ситуацијата со нови заразени и хоспитализации од ковид-19 е прилично мирна и нема притисок по болниците и амбулантите. Сепак, тој рече дека Министерството за здравство будно ја следи ситуацијата и е можно да има влошување, ако продолжи трендот на раст на нови случаи.
„Има зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти. Гледаме дека тоа е некаков тренд и во другите земјите од регионот, а дел од нив и воведоа некакви рестриктивни мерки. Она што е битно во овој момент е дека нема притисок по болниците и по амбулантите каде што се става индикација дали некој пациент е за прием или не. Околу 15-тина пациенти се лекуваат на Клиниката за инфективни болести. Будно ја следиме ситуацијата и покрај тоа што сега е прилично мирно, можно е да има влошување ако овој тренд на раст продолжи и понатаму“, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Гевгелиската болница.
Во однос на вакцинацијата, тој кажа дека интензивно ги следат и ги анализираат препораките.
„Едно можно сценарио е да има препорака за трета доза на вакцина, а следно можно сценарио е ова да премине во сезонска вакцинација. Очигледно дека нема да запре трендот на појава на нови соеви и многу е веројатно дека делта сојот нема да биде последен сој на овој вирус“, вели министерот за здравство.