Интензитетот на жештината од шумските пожари во Турција е четири пати поголем од кога било забележано во историјата на земјата, според сателитските податоците, објави „Гардијан“.
Најмалку четворица загинаа во пожарите кои ги зафатија популарните туристички региони Анталија и Мугла, принудувајќи илјадници туристи да се евакуираат од хотелите со бродови.
Рекордот за највисока температура од пред 60 години во Турција беше надминат минатата недела, откако во Чизре беа регистрирани 49,1 степени целзиусови.
Локалните медиуми објавија фотографии од популарните егејски одморалишта опкружени со пламени, а шумите претворени во пепел. Во Бодрум, во провинцијата Мугла, 80 хектари изгореа и покрај напорите на пожарникарите од земја и од воздух.
Пламените отсекоа два хотела, што предизвика евакуација на 4.000 туристи и хотелски персонал со бродови. Шумските пожари се честа појава во Турција во лето, но вакви пожари се невообичаени. Сателитската анализа на сервисот на ЕУ за следење на атмосферата „Коперник“ покажа дека интензитетот на жештината од пожарите во четвртокот достигна околу 20 гигавати, четири пати повисоко од претходниот максимум.
„Овие бројки се надвор од сите параметри во последните 19 години“, вели Марк Перингтон, научник од „Коперник“.
Тој вели и дека чадот од пожарите близу Анталија и Мерсин сега се движи кон Кипар.
Жителите на погодените градови им кажаа на новинарите дека никогаш досега не виделе вакво нешто. Ибраим Ајдин рече дека му угинала стоката, а и самиот тој за малку ќе загинел во борбата со пламените.
„Сè што имав изгоре до земја. Изгубив јагниња и други животни. Ова не е нормално, ова е пекол“, изјави тој за „Дејли Сабах“.
Ширум земјата, пожарникарите се борат со над 50 пожари. Десетици се хоспитализирани поради вдишување чад.
Климатските научници одамна предупредуваат дека Медитеранот ќе биде еден од најпогодените од растечките температури и промената на врнежите, под влијание на човековите дејствија. Се предвидува дека ќе се зголеми ризикот од шумски пожари во јужна Европа, според последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени на Обединетите нации.
Турскиот климатски научник Левент Курназ неодамна кажа дека топлото време создава услови за лесно запалување на шумите.
„Времето е екстремно жешко и суво. Ова помага да почнат пожари. Наша најмала грешка може да доведе до катастрофа“, вели тој.
Светската метеоролошка организација објави дека екстремни жештини го зафатија Медитеранот со температури над 40 степени во Италија, Грција, Турција и Тунис. Се очекува жешкиот бран во овој регион да продолжи и следната недела.
Предупредувања за високи температури има и во Бугарија, Албанија, Македонија и Србија.