ГРЦИЈА Е ПРЕТВОРЕНА ВО БУРЕ БАРУТ, ИЗЈАВИ ПРЕМИЕРОТ МИЦОТАКИС ЗА ПОЖАРИТЕ КОИ ГИ ЗЕДОА ПРВИТЕ ДВЕ ЖРТВИ

    ГРЦИЈА Е ПРЕТВОРЕНА ВО БУРЕ БАРУТ, ИЗЈАВИ ПРЕМИЕРОТ МИЦОТАКИС ЗА ПОЖАРИТЕ КОИ ГИ ЗЕДОА ПРВИТЕ ДВЕ ЖРТВИПожарникарите се борат со над 150 пожари низ земјата (Фото: АФП)

    Две лица загинаа, а во шест области е прогласена тревога од највисок степен додека пожарите продолжуваат неконтролирано да се шират во Грција. Еден од загинатите е 38-годишен пожарникар волонтер, врз кој паднал електричен столб.

    Премиерот Кирјакос Мицотакис кажа дека актуелниот жежок бран, најголем од 1980-ите, ја претворил земјата во буре барут.

    „Ја гледаме реалноста на климатските промени“, кажа Мицотакис, додека властите велат дека добар дел од пожарите е и подметнат.

    Пожарникарите се борат со 154 пожари низ земјата, а ситуацијата е особено тешка во северните предградија на Атина, островот Евија и во областите во близина на древна Олимпија, родното место на Олимписките игри.

    „Временските прилики се исклучително опасни. Сите расположиви сили се борат со пожарите деноноќно“, изјави заменик министерот за цивилна заштита Никос Хардалијас.

    На илјадници луѓе им беше наредено да ги напуштат своите домови во околината на Атина, каде што изгореа шуми, домови, возила и бизниси. Втората жртва на пожарот е претседателот на Стопанската комора на Атина, Константинос Михалос, кој бил пронајден мртов во фабрика во чија близина беснееше пожар. Најмалку 20 луѓе се повредени.

    „Ова е апокалипса, не знам како поинаку да го опишам“, изјави еден припадник на крајбрежната стража кој учествуваше во евакуацијата на стотици луѓе од островот Евија во близина на Атина.

    Истовремено, и Турција се бори со најтешките пожари во историјата, во кои досега загинаа осум лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира