Патеки од античко време на Јабланица и Галичица за првпат ќе бидат достапни за туристите. Археолозите открија нови патни траси и делници од античко време во Охридско-Струшкиот Регион. Истражена е поплочената патека во близина на локалитетот Вајтос во струшко Октиси, каде што калдрмени патишта, градени слично како римската магистрала Виа Игнација, ја поврзувале населбата од раноантичко време. Археолошки истражувања се правеле и на Галичица, каде што се мапирани две антички делници кои го поврзувале регионот со Преспанското и Корчанското Поле.
„Во овој регион поминувале патеки од римско време и сега и туристите и посетителите ќе имаат можност да чекорат како што се чекорело пред 2.000 години. Тоа е атрактивна приказна која ќе привлекува туристи“, вели Аница Палацо од германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ.
Откриените патеки, стари илјадници години, ќе бидат мапирани и обележани со информативни табли. Ќе се прават и промотивни планинарски тури и видеоматеријал, со цел вклучување на античките патни траси во туристичката понуда во регионот.
Сите добиени сознанија од археолошките истражувања ќе бидат објавени во публикацијата „Античка патна мрежа во Охридскострушкиот Регион“, која е во фаза на изработка.
С. ВРЕНЦОВСКА