Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се извини за пропустите во справувањето со големите шумски пожари кои цела недела ја пустошат земјата, а најтешко е погоден островот Евија во близина на Атина. Стотици пожарникари се борат со пожарите, поради кои досега се евакуирани илјадници луѓе.
„Можеби направивме сè што беше во нашата моќ, но во многу случаи, тоа не беше доволно. Целосно ја разбирам болката на нашите сограѓани кои гледаа како нивните домови и имоти горат, но нашата земја се соочува со природна катастрофа од досега невидени размери“, кажа Мицотакис.
Владата е изложена на критики од јавноста поради бавниот одговор на пожарите и недостигот на противпожарни авиони.
„Сите пропусти ќе бидат идентификувани, но пожарникарите се борат со натприродни сили кои многу често ги надминуваат нивните можности“, рече Мицотакис, обвинувајќи ги климатските промени за пожарите.
Од крајот на јули, во Грција се регистрирани над 580 пожари, а најголемиот фронт е на Евија, каде што во гаснењето учествуваат 650 пожарникари. Пожарите во северните предградија на Атина се изгаснати откако температурите паднаа. Досега загинаа три лица.
Европската Унија објави дека ја мобилизира една од најголемите противпожарни операции досега за да им помогне на Грција и на други земји каде што има пожари.
„Загрижени сме дека областа никогаш нема да се обнови. Ова е холокауст. Сите села во областа се готови. Сè што можам да кажам е дека сме среќни што сме живи“, изјави Клелија Димитраки, претседателката на селото Монокарија на Евија.