Температура од 48,8 Целзиусови степени е регистрирана на Сицилија, што ако биде потврдено од Светската метеоролошка организација (СМО), ќе биде нов европски рекорд. Регионалните власти ја измериле оваа температура вчера во близина на Сиракуза.
Според СМО, сегашниот официјален рекорд во Европа е 48 степени, измерен во Атина во 1977 година.
Последниот жежок бран во Италија е последица на антициклонот Луцифер, кој се движи од Африка. Се предвидува дека Луцифер ќе се движи северно по италијанското копно и ќе го погоди и Рим.
Италијанското министерство за здравство објави црвена тревога во неколку региони поради екстремната жештина и бројот на градовите кои се соочуваат со најголемиот здравствен ризик до утре ќе порасне од осум на 15. Средоземниот жежок бран предизвика големи пожари во јужна Италија и најтешко погодените региони се Сицилија, Калабрија и Апулија. Италијанските пожарникари вчера гаснеле повеќе од 300 пожари низ Сицилија и Калабрија за 12-часовен период.