МЛАДЕНЦИТЕ ОД ВЕЛЕС ПОБРЗАА ДА СЕ ВЕНЧААТ ПРЕД 16 АВГУСТ И НОВИТЕ КОВИД МЕРКИ

    МЛАДЕНЦИТЕ ОД ВЕЛЕС ПОБРЗАА ДА СЕ ВЕНЧААТ ПРЕД 16 АВГУСТ И НОВИТЕ КОВИД МЕРКИВенчавките во Велес се во Ликовниот салон, а вчера имаше 5. (Фото: СДК.МК)

    Идните брачни парови од Велес и околината, побрзаа деновиве да склопат брак пред 16 август, од кога ќе биде задолжителна потврдата за имунизација за присуство на каков било настан. Така за 12 дена од август, во Управата за водење матична евиденција (УВМЕ) во Велес склопени се 22 брака. Споредено, во јуни имало 24 за цел месец, а во јули 43. Во текот на вчерашното попладне се склопени пет брака.

    „Се работи турбо, има голем број венчавки кои се случуваат со закажување еден ден претходно. Дали на ова влијаеше одлуката за невакцинирани лица да не можат да присуствуваат на каков било настан не може да се каже, но факт е дека младенците доаѓаат и бараат термин за венчавка од денес за утре“, велат од Управата за водење матична евиденција во Велес.

    Минатиот викенд во еден ден имало девет венчавки. За да им излезе во пресрет на ваквите барања, УВМЕ дозволи венчавки  да има секој ден кога ќе побараат младенците, а не како досега во Велес во вторник, петок, сабота и недела.

    Венчавката во Велес се случува во Ликовниот салон, па вчерашната промоција на научниот труд „Рекламата како текст“ мораше да биде одложена наместо во 18 за 19 часот, за да завршат сите пет венчавки.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира