Талибанците денеска влегоа во предградијата на главниот град на Авганистан Кабул, и велат дека чекаат „мирен трансфер“ на градот откако ветија дека нема да го заземат со сила. Според официјални извори, талибански претставници се упатени кон претседателската палата за да преговараат со претседателот Ашраф Гани за предавање на власта.
Но поради неизвесноста, испаничените работници бегаат од владините згради, а хеликоптери слетуваат во амбасадата на САД која се евакуира со помош на 5.000 американски војници. Властите потврдија за АП дека талибанците се влезени во три квартови на главниот град. Очевидци тврдат дека речиси немало никаков отпор кон напредувањето на талибанците.
Талибанците им наредија на своите војници да се воздржат од насилство и да дозволат безбедно напуштање на градот за сите кои сакаат да заминат.
Оваа молневита офанзива на талибанците шокираше многумина и покрена прашања за тоа зошто авганистанските безбедносни сили се поразени и покрај многугодишната обука од американската војска и потрошените милијарди долари. Пред само неколку дена, американската војска процени дека на талибанците ќе им треба еден месец пред да стигнат до Кабул.
Американскиот претседател Џо Бајден ја брани одлуката за напуштање на Авганистан велејќи дека тој не може да оправда „бесконечно американско присуство“.
Додека претседателот Бајден овој месец ја завршува американската воена улога во Авганистан, најдолгата војна во историјата на земјата што траеше 2 децении, Американците и Авганистанците се прашуваат дали војната вредеше за цената: загубени над 3.000 американски и животи на војници од други земји на НАТО, десетици илјади загинати Авганистанци, илјадници милијарди долари американски долг што ќе го отплаќаат генерации Американци, и Авганистан што за една шокантна недела борби е под директна закана повторно да падне под власта на талибанците, баш како што беше кога дојде САД пред 20 години.
Талибанскиот портпарол за Ал Џезира во Катар изјави дека тие очекуваат мирен трансфер на Кабул, но одби да даде детали за евентуални преговори со владата.
„Ничиј живот, имот или достоинство нема да буде повреден, а животите на жителите на Кабул нема да бидат во опасност“, соопштија талибанците.
Но сепак, американската и другите амбасади забрзано се евакуираат, а жителите се во паника.