Македонија ги информирала САД дека може да прифати бегалци од Авганистан, откако талибанците ја презедоа власта во најголемиот дел од земјата и влегоа во главнот град Кабул, а претедателот Ашраф Гани избега од земјата.
„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан. Ќе обезбедиме сместување, при што трошоците за време на престојот на бегалците, до трајната дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД“, кажа Заев на прашање на ТВ21 дали Макеодонија ќе прифати бегалци од Авганистан и дали има некое барање од сојузниците.
„Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи“, кажа Заев.
Албанскиот премиер Еди Рама денеска рече дека по барање од САД, Албанија привремено ќе прими стотици Авганистанци кои работеле за западните мировни воени сили и кои сега се под закана од талибанците. Рама објави дека владата на САД побарале од Албанија да биде „транзитно место за извесен број авганистански политички емигранти чија конечна дестинација е САД“.
И други држави од НАТО објавија дека ќе прифатат бегалци од Авганистан, пред сè интелектуалци и жени активистки на кои талибанците им се заканувале со смрт. Канада, на пример, е ќе прифати околу 20.000 бегалци, а германските пратеници побараа итна седица на парламентот за да дозволи измени на законите со кои ќе се прифатат авганистанските бегалци.
Поранешната државна секретарка на САД Медлин Олбрајт им се заблагодари на Албанија, Канада, Косово и Македонија кои се согласиле да им дадат засолниште на нивните сојузници од Авганистан, особено на жени и деца на лидерите на граѓанското општество.
„Мора да се фокусираме на спасување животи во Авганистан. САД работат да ги евакуираат лицата под особен ризик од талибанците и благодарна сум на Албанија, Канада, Косово и Македонија кои понудија засолниште на нашите авганистански сојузници, особено жени и деца на лидерите на граѓанското општество. Се надевам дека овој пример ќе го следат и други“, објави Олбрајт на Твитер.