ТЕТОВО ДОБИ ГРАДСКИ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, ЗА ПОЧЕТОК ЌЕ ИМА ДВЕ ЛИНИИ

    ТЕТОВО ДОБИ ГРАДСКИ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, ЗА ПОЧЕТОК ЌЕ ИМА ДВЕ ЛИНИИВо јавниот превоз ќе бидат вклучени пет автобуси и 10 возачи, а билет ќе чини 20 денари (Фото: СДК.МК)

    Четири години откако е формирано ЈП „Тетово транспорт“ и осум месеци откако пристигнаа петте автобуси, конечно проработе јавниот градски превоз во Тетово. Медиумските работници од Тетово и претставниците на локалната самоуправа ја имаа честа први да се возат во новите автобуси. Тесните градски улици пренатрупани со паркирани возила ќе бидат голем предизвик за нормално одвивање на градскиот сообраќај, но надлежите се оптимисти и велат дека граѓаните брзо ќе го прифатат јавниот превоз и ќе овозможат негово непречено одвивање.

    Денеска е голем ден за Тетото бидејќи е завршен уште еден голем проект. Заврши уште една долга приказна, уште една успешна мисија. На граѓаните на Тетово им посакувам што повеќе да го користат градскиот јавен превоз, со цел да имаме што е можно помалку метеж на тетовските сообраќајници. Цената на превозот ќе биде 20 денари, но исто така имаме обезбедено бенифиции за учениците, студентите и социјалните случаи, кои ќе можат да се возат по пониски цени“, изјави Беким Meмети, претседавач на Советот на Општина Тетово.

    Во јавниот превоз ќе бидат вклучени пет автобуси и 10 возачи, а за почеток, ќе сообраќаат од градската автобуска станица до Универзитетот на Југоисточна Европа, додека втората линија ќе оди од автобуската станица преку градскиот стадион до центарот на градот. Во зависност од потребите, ќе се воведуваат и нови линии, а можно е постоечките да се коригираат.

    Во наредните десетина дена јавниот превоз во Тетово ќе биде бесплатен. Во овој период, ние ќе треба да ги запознаеме граѓаните дека е започнат јавниот градски превоз и ќе ги тестираме линиите, а учесниците во сообраќајот да обрнат повеќе внимание на ова и да не го попречуваат движењето на автобусите. Во автобусите ќе се почитуваат сите протоколи за заштита од ковид-19, а пополнетоста ќе биде до 50 проценти од капацитетот“, вели Дарко Спировски, директорот на ЈП „Тетово транспорт“.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира