ЈА ОБЕЗБЕДИВМЕ ЕВАКУАЦИЈАТА НА СИТЕ 75 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ОД КАБУЛ, 25 СЕ ВЕЌЕ НА ЛЕТ ЗА КАТАР, ВЕЛИ БУЈАР ОСМАНИ

    ЈА ОБЕЗБЕДИВМЕ ЕВАКУАЦИЈАТА НА СИТЕ 75 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ОД КАБУЛ, 25 СЕ ВЕЌЕ НА ЛЕТ ЗА КАТАР, ВЕЛИ БУЈАР ОСМАНИИлјадници жители на Кабул уште вчера се упатија кон аеродромот со цел да фатат некој од последните комерцијални летови од земјата (Фото: Гети)

    Седумдесет и пет македонски граѓани чекаат да бидат евакуирани од Авганистан, откако талибанците синоќа ја презедоа контролата врз Кабул и денеска прогласија крај на војната. Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, првата група од 25 македонски граѓани наскоро ќе полета со авион на американската војска за Катар, а уште 25 се регистрирани за некој од следните летови.

    „Во изминатите 72 часа нагло се влоши безбедносната ситуација во Авганистан. Македонија уште во јули го повлече целиот свој воен, дипломатски и цивилен персонал и државата веќе нема свои претставници таму. Затоа има македонски граѓани кои беа работно ангажирани или по некоја приватна основа се затекнале во Авганистан и уште во саботата беше формирана работна група за нивна евакуација. Таа веднаш презеде активности со кои се отворија повеќе опции за асистенција на македонските граѓани во Авганистан преку компании со кои имаат договори или други држави кои се присутни во земјата“, изјави Османи.

    Третата група од 25 македонски граѓани моментално е во американска база во близина на аеродромот во Кабул. Османи вели дека се на безбедно и се на листата на чекање за трансфер до аеродромот и евакуација.

    „Немаме информација дека има други македонски граѓани во Авганистан. Дел од граѓаните заминаа за Доха со комерцијални летови пред падот на Кабул, па затоа во прв момент немавме прецизна бројка колку македонски граѓани има во Авганистан“, рече Османи.

    Тој не сакаше да шпекулира со бројката колку авганистански граѓани ќе прими Македонија, но појасни дека тоа ќе бидат Авганистанци кои биле вклучени во демократските промени во земјата и работеле во меѓународни организации и агенции.

    „Од Обединетите нации побараа да примиме шест лица, главно жени и деца на вработени во канцеларијата ОН во Кабул и очекуваме тие да стигнат“, рече Османи.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира