Сите воени и цивилни летови од и кон аеродромот во Кабул се суспендирани, соопшти Пентагон, не прецизирајќи кога ќе продолжат. Американските војници моментално работат на обезбедување на аеродромот, при што денеска беа убиени двајца вооружени мажи.
„Ситуацијата на аеродромот во Кабул е тензична“, изјави претставник на американската влада.
Си-Би-Ес објави дека се разгледува опцијата да се евакуираат сите Америкaнци, но не и нивни авганистански сојузници.
„Ваква одлука сè уште не е донесена, но ќе биде во игра доколку американските сили не успеат да воспостават контрола врз аеродромот“, објави дописникот на Си-Би-Ес, Дејвид Мартин.
Вкупно седум лица загинаа денеска во хаотичните сцени на аеродромот во Кабул, каде што се собраа илјадници цивили во надеж дека ќе успеат да заминат од државата, која од синоќа е под контрола на талибанците. Три лица загинаа откако паднаа од авион на кој се качувале додека полетувал.
Талибанците синоќа без борба влегоа во Кабул откако претседателот Ашраф Гани претходно избега од државата.