Во Србија денеска почна вакцинирањето против ковид-19 со третата доза, објави владата, додека во земјата повторно се зголемува бројот на новозаразени со коронавирусот. Третата доза ќе можат да ја примат сите граѓани откако ќе изминат 180 дена од вакцинирањето со втората доза.
Владата соопшти дека третата доза особено им се препорачува на лицата со нарушен имунитет, постарите од 70 години, вработените во здравствените установи и на оние кои почесто патуваат во странство.
„Секој има можност да ја избере вакцината за третата доза, доколку е безбедно и можно таа да биде различна од онаа со која се вакцинирани и ревакцинирани“, соопшти владата.
Според официјалните податоци, до 16 август во Србија се имунизирани 50,2% од полнолетното население. Нешто повеќе од 2,7 милиони жители ја примиле првата доза, а околу 2,6 милиони се целосно вакцинирани.