ИЗРАЕЛ ГИ ПРОШИРИ КОВИД РЕСТРИКЦИИТЕ И НА ТРИГОДИШНИ ДЕЦА ПОРАДИ ШИРЕЊЕТО НА ДЕЛТА СОЈОТ

    ИЗРАЕЛ ГИ ПРОШИРИ КОВИД РЕСТРИКЦИИТЕ И НА ТРИГОДИШНИ ДЕЦА ПОРАДИ ШИРЕЊЕТО НА ДЕЛТА СОЈОТКовид пропусница отсега ќе се бара и од децата од три до 11 години и нивните ПЦР тестови ќе бидат финансирани од владата (Фото: АФП)

    Сите кои имаат повеќе од три години ќе мора да приложат доказ за вакцинирање или негативен ПЦР тест при влез во затворени простори во Израел, додека земјата се соочува со нов пораст на бројот на заразени со коронавирус. Ресторани, кафулиња, теретани, библиотеки, базени и музеи се меѓу местата во кои ќе може да се влезе само со ковид пропусница. Влезот во продавници и трговски центри засега е слободен.

    „Ние сме во војна со вирусот, и покрај тоа што ја имаме една од најдобрите програми за вакцинирање на светот. Смртноста расте секој ден“, изјави шефот на израелскиот кризен штаб за борба против ковид-19 Салман Зарка пред парламентарна комисија.

    Израел бележи значителен пораст на бројот на заразени од појавата на делта сојот на крајот на јуни. Повеќе од 120 луѓе починале од ковид-19 во изминатата недела, двојно повеќе од вкупниот број смртни случаи во јули, а 600 луѓе се во сериозна или критична состојба во болниците. Една од мерките што ги воведе владата е ковид пропусница, што до вчера важеше за сите над 12 години. Отсега, таа ќе се бара и од децата од три до 11 години и нивните ПЦР тестови ќе бидат финансирани од владата, зашто тие засега не се вакцинираат.

    Околу еден милион жители, односно 11% од населението, не се вакцинирани и тие ќе мора сами да плаќаат за тестовите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира